Откажан е протестот во Амстердам по насилствата во Ротердам

Протестот против епидемиолошките мерки закажан за денеска во Амстердам е откажан по насилството што изби ввчера вечер во Ротердам, објавија организаторите.
„Пеколот избувна синоќа во Ротердам“, објави на Фејсбук антиепидемиската организација на „ United We Stand Europe “.
Протестот против епидемиолошките мерки и делумното затворање прерасна во „бунт“ во центарот на Ротердам во кој беа повредени најмалку седум лица, меѓу кои и полицајци, а неколку десетици лица биле приведени. Причинета е и голема материјална штета.
Организаторите затоа заклучиле дека одржувањето протест во Амстердам не би било соодветно.
Насилството во Ротердам го осуди министерот за безбедност и правда Ферд Граперхаус.
Граперхаус изјави дека е извршено екстремно насилство врз полицијата, итните служби и пожарникарите и најави темелна истрага за полициската употреба на оружје, пренесува агенцијата ДПА.
Најмалку седум лица се повредени, а дваесетина се уапсени во текот на ноќта. Градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб ги опиша настаните како „оргии на насилство“.
Според полицискиот извештај, испукани се предупредувачки истрели и пукано во луѓе, а непознат број луѓе се повредени. Како што се наведува, меѓу повредените има и полицајци.
Полицијата во Холандија ретко користи огнено оружје.
Холандскиот министер за правда рече дека целни напади биле извршени врз полицајците, пожарникарите и новинарите. Неколку стотици полицајци дојдоа од целата земја во тој пристанишен град за да помогнат во воспоставувањето на редот.
Полицијата околу 1 часот и 30 минути известила дека ситуацијата конечно е под контрола.
Сепак, денеска ќе се одржи протест во јужниот град Бреда, јавуваат локалните медиуми.