Осветлена и побезбедна трим-патеката во Кисела Вода

Трим-патеката во Кислеа Вода, која ја следи железничката прига, целосно е осветлена, со што е многу побезбедна во вечерните часови.
По неа се крати патот од Центар и Аеродром со Кисела Вода, а по не, граѓаните со години поминуваа, но таа навечер беше застрашувачка, па ја користеа само најхрабрите.
Сега, е целосно осветлена со нови дополнителни столбови на потегот од Општина Центар, кон делот кој води кон новиот парк на „Есенинова”.
Поставени се седум нови петметарски столбови со лед светилки на оваа локација. Дополнителни единаесет нови светлосни столбови се поставени и во продолжението кое води кон внатрешноста на Кисела Вода. Со подобрувањето на електричната дистрибутивна мрежна инфраструктура, оваа пешачка патека лоцирана покрај железничката пруга, покрај тоа што редовно се чисти, сега може да се користи и во вечерните часови.
– Ова е од големо значење за жителите на Кисела Вода, но и на Аеродром и Центар, бидејќи е локација која редовно се користи за одмор и рекреација. Воедно, реагираме на сите пристигнати пријави од граѓаните поврзани со прегорени светилки и постапуваме по барањата за дополнително улично осветлување, со што се подобрува и ликот, но и безбедноста во овој дел од градот – велат од Општината.