Освен Казандол, биле добиени уште две арбитражи, за САСА и ГАМА

Од Владата денеска се пофалија дека освен арбитражата за рудникот Казандол, во изминатиот период биле добиени уште две, за САСА и за ГАМА. Но истовремено, информираа дека од јуни минатата година гога ја преземаа власта, наследиле вкупно осум активни меѓународни арбитражни постапки од кои потенцијалната штета по Буџетот на државата била во износ од 865 милиони евра плус трошоци во постапките.
Портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес конференција ја повтори вчерашната теза на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, дека бројот на арбитражи буди сомневање за намерно испумпување на пари од Буџетот.
„Сосема легитимно е повторно да го поставиме прашањето зошто тому во периодот на претходната Влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавало терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување пари од Буџетот на граѓаните“, рече Митева.
Таа, како и Николоски вчера, не понуди ниту еден доказ за ваквите искажани сомневања, па излегува дека подобро би било претходната Влада да замижува за очигледно штетните концесии кои биле склучувани од времето на една од владите на ВМРО-ДПМНЕ, како во случајот Казандол, само за да не се доведе во опасност буџетот на државата.
Митева денеска рече дека по вчерашната информација дека Македонија го доби случајот познат како Казандол и „заштеди 115 милиони евра пари на граѓаните“, цени дека јавноста има потреба да ги знае работите кои согласно класификацијата на доверливост може да се споделат во јавноста.
„Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, посветено и со сериозна работа“, рече Митева додавајќи декас во изминатиот период Координативното тело за арбитражни постапки вложило максимални напори, од внимателна анализа на документите и договорите до темелна подготовка со правни аргументи со што обезбедивле „силна и одржлива позиција во постапката“.
Таа се осврна и на изјавите од СДСМ дека постапката за Казандол е завршена во 2023 година, за време на мандатот на претходната влада, и дека сега само е соопштена пресудата од меѓународниот арбитражен суд.
„Зошто тогаш во првата половина од месец април во 2023 година во Виена се водени преговори за можна спогодба со Казандол помеѓу претставници од Владата и претставници од страна на тужителите за што потврда е што оваа Влада има донесено одлука со која ја има одбиено предложената спогодба“, праша Митева.

Таа посочи дека со доаѓањето на новата Влада во јуни 2024 година биле наследени осум активни меѓународни арбитражни постапки што, според неа, претставува рекорден број арбитражни постапки кои што се покренати од осамостојувањето на Македонија.
Како што објасни, станува збор за три постапки кои што се инвестициски спорови и пет трговски спорови, како и најава со опомена за тужби за најмалку уште четири постапки.
„Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета по Буџетот на државата беше во износ од 865 милиони евра плус трошоци во постапките“, рече Митева.
Според неа, овој податок говори за неодговорниот однос на претходната влада која со своите постапки ги доведе во ризик буџетот на државата и меѓународниот углед што резултирало со осум активни и четири потенцијални меѓународни спорови.
„Сосема легитимно е повторно да го поставиме прашањето зошто тому во периодот на претходната влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавало терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување пари од буџетот на граѓаните“, рече Митева.
Таа додаде дека сегашната Влада има успешно завршено вкупно три арбитражни постапки кои што се во полза на Македонија и била направена вкупна заштеда на буџетот во износ од околу 565 милиони евра. Дополнително, за овие 14 месеци нема ниту една отворена нова постапка.
Станува збор за арбитражната постапка позната како Казандол против Македонија со вредност од околу 115 милиони евра, арбитражната постапка позната како САСА против Македонија во вредност од околу 445 милиони евра и арбитражната постапка ГАМА против Македонија во вредност од над 5 милиони евра.
„Овој исход е потврда дека со транспарентност од годовност и заедничка работа можат да се постигнат резултати кои во минатото беа претставувани како невозможни“, рече Митева, додавајќи дека секој позитивен резултат ја зајакнува довербата во институциите и ја штити државата од непотребни финансиски и репутациски штети.