Осум земји од Централна и ЈИ Европа ја зајакнуваат соработката на пазарот на капитал, меѓу нив и Македонија

Осум земји од Централна и Југоисточна Европа се согласија за Нацрт-меморандум за разбирање во врска со соработката во развојот на пазарот на капитал, кој треба да биде потпишан во понеделник. Меморандумот ќе го потпишат министрите за финансии или високи функционери на Хрватска, Словенија, Полска, Словачка, Романија, Бугарија, Унгарија и Северна Македонија, пишува Банкар.ме.
Целта на документот е, преку заедничко дејствување и координација, да се овозможи подлабока интеграција на националните пазари на капитал, да се зајакне регулаторната рамка и да се создаде посилна, поефикасна и поконкурентна финансиска средина. Посебен фокус е ставен на зголемување на ликвидноста и искористување на целосниот потенцијал на пазарот на капитал во земјите-потписнички.
Меморандумот, како што е наведено, треба да ја потврди политичката волја на државите да работат заедно за да создадат повидлив и поотпорен пазар на капитал. Ова истовремено ја поддржува стратегијата на Европската Унија, која има за цел да ги насочи заштедите на граѓаните и приватниот капитал кон инвестиции во реалната економија, особено во малите и средни претпријатија.
Се очекува дека заедничкиот пристап ќе придонесе за полесен пристап до финансирање, зголемени прекугранични инвестиции и долгорочна стабилност на пазарот, што на крајот треба да го стимулира економскиот раст во сите земји учеснички.
Важноста на меморандумот ја истакнаа и премиерите и министрите на земјите потписнички, потсетувајќи дека пазарите на капитал се клучни за зајакнување на конкурентноста на националните економии и привлекување нови инвестиции.
Покрај усвојувањето на нацрт-меморандумот, владите се согласија и за спроведување на програмата за национални заеми за инвестиции и обртен капитал, додека во Хрватска беа донесени одлуки во врска со зајакнувањето на поморската инфраструктура и набавката на нови бродови за националната флота.