Осум дена притвор за мажот кој запали викендичка во Катланово и врата од стан во Ново Лисиче


Во петокот, во 09.45 часот во Скопје, полициски службеници од ОКР Гази Баба го лишиле од слобода Т.М.(59) од Скопје, а по претходна пријава дека во временски период од 06.25 часот до 07.42 часот на подрачјето на општина Аеродром, во станбена зграда, опожарил предна врата од стан и во село Катланово, општина Петровец, опожарил предна врата од викенд куќа.

Известен е ЈО, против приведениот по итна постапка поднесена е кривична пријава по чл.288 од КЗ на рсм, а од страна на Судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, соопшти полицијата.

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека повело постапка против зетот на сестра на покојниот новинар Зоран Василевски, попознат како Зоки Фаци. Зетот, кој вчера е уапсен, е осомничен дека подметнал пожари во викендичка во Катланово и во стан во скопската населба Ново Лисиче каде сега живеат неговите деца и сопруга, од која се разведува.

Тој ќе одговара за предизвикување општа опасност, велат од Обвинителството.