Оставка на канадскиот министер за финансии заради политиката на трошење
Канадскиот министер за финансии, Бил Морно, поднесе оставка поради несогласувањата со премиерот Џастин Трудо околу политиката на трошење, откако беше прозван за врски со добротворна организација за почнување програма за стипендирање студенти.
Морно се повлече откако другите министри се спротивставија на износот за финансирање на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот и инвестициите во проекти за заштита на животната средина по карантинот, дознаваат британските медиуми.
Премиерот Трудо минатата недела изрази поддршка за својот министер за финансии, иако се зборуваше за раздор меѓу двајцата.
Морно (57) е на оваа функција откако либералите ја презедоа власта во 2015 година.
Тој, исто така, кажа дека веќе нема да се кандидира за парламентот, но ќе се обиде да стане следниот генерален секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
По оставката, премиерот Трудо ќе мора да пополни една од најважните позиции во неговиот кабинет, бидејќи владата мора да подготви план за закрепнување на економијата, погодена од пандемијата со Ковид-19.
Морно, на синоќешната прес-конференција, изјави дека поднесе оставка, објаснувајќи дека нема намера да се кандидира на следните избори и дека Трудо мора да назначи нов министер за финансии, кој ќе биде подготвен да посвети неколку години за враќање на канадската економија на вистинскиот пат.