Остануваат уште пет работни дена за поднесување на ДДВ-04 пријавите


Фото: Б. Грданоски

Управата за јавни приходи денеска ги повика даночните обврзници да ги исполнат своите законски обврски и навреме да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за изминатиот даночен период.

Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е 25-ти октомври 2024 година (петок). Важно е да се напомене дека 23-ти октомври е неработен ден, но системите на УЈП работат и сите кои имаат обврска за поднесување на ДДВ – 04 пријави истото ќе може да го сторат и во среда, посочуваат од УЈП.

Досега, поднесени се само 11.113 од очекуваните 40.975 ДДВ пријави, што претставува само 27,12% од вкупниот број. Ова укажува на значителен број обврзници кои сè уште не ја исполниле својата обврска.

Од УЈП нагласуваат дека непостапувањето во рок може да доведе до казни и дополнителни финансиски трошоци.

Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е важно не само за даночната усогласеност на фирмите, туку и за општата финансиска стабилност на секој бизнис. Со исполнување на даночните обврски се придонесува за развојот на економијата и одржувањето на позитивната деловна средина, велат од УЈП.

ОД УЈП додаваат дека даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации и поддршка сите прашања и коментари, поткрепени со документација можат да ги достават на инфо сандачето [email protected]. Даночните службеници по службена должност ќе ги разгледаат и ќе помогнат во решавањето на истите.

Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на телефоните:

Од фиксна линија: 0800 33 000
Од мобилен телефон: 02 3253 200