Основното образование: помеѓу угледот и власта


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Научната вистина и политичката вистина не се исти. Има разлика меѓу статусот на вистина и мерката за неа во научниот свет и статусот и мерката за вистина во политичкиот свет

 

Предложената нацрт-концепција за основното образование предизвикува бројни и жестоки реакции и спротивставувања. Сведоци сме на еден вид факултетска побуна која образовните власти и нивните гласноговорници ја квалификуваат како ретроградна!

Многу од образовните институции во државата кои играат некоја улога во функционирањето на потсистемот на основното образование искажаа критички забелешки. Интересно е што најголемиот број од нив своите констатации ги направија достапни за пошироката јавност. Не се ограничија на затворена дискусија и доставување на нивните мислења до МОН како носител на нацрт-концепцијата. Некои тоа го направија со соопштенија за јавноста, други со посредство на новинари, трети со директно ангажирање на нивни членови со гостувања во дебатни емисии во електронските медиуми и на други начини. Причината за ваквото јавно полемизирање на научните установи со власта веројатно треба да се бара во чувството дека и оваа власт, по примерот на претходната, тргнала да протурка еден толку важен образовен потфат.

Ваквиот однос на релевантните образовни институции, особено факултетите кои подготвуваат кадри за основното образование е сосема разбирлив. Основното образование е главната претпоставка на личниот и општествениот развој. Добро испланираниот и соодветно реализиран систем на основно образование ги обезбедува емоционалните, интелектуалните, друштвените и моралните состојки на личниот развој, а преку тоа и на општествената интеграција на единките преку функционални општествени односи и институции. Затоа не случајно основното образование е промовирано како едно од основните човекови права во време на општество на знаењето. За научните институции ваквата цивилизациска вредност на основното образование е утврдена како научна вистина.

Убеден сум дека и луѓето од државните институции, кои според уставот и законите се задолжени за осмислување, донесување и спроведување на образовните политики во земјата ја знаат таквата вредност на основното образование. Тогаш, како можеше на министерката за образование да ѝ се случи актуелната факултетска побуна? Со неа, покрај институциите под нејзина директна власт останаа само уште директорите на училиштата, а за нивната независност во однос на власта нема што да се каже.

Спротивставувајќи се на факултетите кои бараат повлекување на нацрт-концепцијата и влегување во промени дури по претходни широки институционални консултации со сите засегнати, министерката сите критички анализи и јавни искажувања на факултетите ги сведе на „коментари“! Како да се работи за „коментар на читател“, а не за мислење и вистина од научни институции! Според министерката, „најголемиот дел од коментарите се однесуваат на тоа дека треба да забавиме со реформите“. Ова е тотално недопустливо и неточно редуцирање на изречените критики просто на „коментари“ за темпото. Но, дури и како такви тие за власта се само декор на т.н. јавна дебата, а не мислења на институции со научен углед! Министерката на нив гледа како болест на најавената промена. Затоа, како во случај на морската болест која преставува штом престане движењето, министерката им се обраќа на научните институции велејќи смирувачки: „Секако сметаме дека се движиме полека…“

Овде станува збор за различни мерки за времето и вистината: едното е научно, другото политичко. Научната вистина и политичката вистина не се исти. Има разлика меѓу статусот на вистина и мерката за неа во научниот свет и статусот и мерката за вистина во политичкиот свет. Во науката потрагата по вистината е цел сама на себе. Во политиката, пак, потрагата по вистина е средство за втемелување на некоја одлука. До првата најчесто се доаѓа, ако воопшто се дојде до неа, со долготрајни систематски напори. Затоа и тешко се менува. Таа се утврдува во научни искази, закони и парадигми формулирани од конкретни истражувачи. За разлика од тоа, до политичката вистина се доаѓа акцијашки, на ура. Кој погласно тој повоправо! Таа се утврдува во правни документи, стратегии и закони изгласани од некое аморфно политичко мнозинство!

На овој судри помеѓу министерката и факултетите гледам како на судир меѓу политичката и научната вистина, помеѓу власта на политиката и угледот на науката. До тоа доаѓа затоа што ниту научните ниту политичките престави (и вистини) за светот воопшто и за конкретните појави (во овој случај за основното образование кај нас, но и за власта) не се независни од општествената свест која преовладува во дадено општество во даден момент. Кај нас во последните три децении сѐ посилен станува прагматистичкиот однос кон вистината. За вистинито се смета она што како такво ќе го утврди власта. Ова не важи само за вистините од областа на општествениот живот. Бројните прилагодувања во од на мерките за справување со Ковид-19 тоа најдобро го покажуваат – маски, не! маски, препорачливо! маски, задолжително!

Тоа најдобро го знаат бројните научници кои како соло играчи, мимо институциите во кои работат и се потврдуваат како научници влегуваат во различни „експертски“ аражамани со властите. Својот научен статус и знаење прагаматично го разменуваат за грст парички и троа чувство на политичка релевантност. Не ретко овие научници-претприемачи под наметката на „кралски советници“ се соочуваат со предизвикот за сочувување на својот морален и интелектуален интегритет. Особено во случаи во кои, како со нацрт-концепцијата, институциите од кои произлегуваат ќе ја оспорат научната издржаност на „производите“ кои тие ги создале или помогнале да се создадат како дел од државната управа!

(Ило Трајковски е универзитетски професор)