Османи: Влегов во претседателската трка за да победам
Кандидатот на коалицијата „Европски фронт“ за претседател на државата, Бујар Османи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека неговото кандидирање не е поврзано со одржувањето на парламентарните избори две недели по првиот круг од претседателските.
„Мислам дека тоа е малку потценување и за нас кои се натпреваруваме, бидејќи со идејата – Албанец не може да стане претседател, па тие се натпреваруваат само за да биде тоа тестирање или индикатор за парламентарните избори… Не, јас влегувам во оваа трка за да победам, бидејќи направив за сите граѓани, за сите етнички заедници и за државата во овие години. Мислам дека созреавме и дека во изборот на претседател ќе ги надминеме етничките линии. Јас често кажувам дека сум хирург и мене никогаш не ми се случило граѓаните кои бараат помош од мене да ме прашуваат која ми е етничката припадност. Прашуваат дали сум искусен, дали сум способен, дали можам да им излезам во пресрет“, рече Османи.
Тој очекува гласови и од етнички Македонци бидејќи смета дека ги донел најважните одлуки што се однесуваат на македонскиот народ и дека успеал да го официјализира македонскиот јазик во Преговарачката рамка со ЕУ.
Прашан дали тоа што покрај партии на Албанците, во коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, имаат и партии на Ромите и Турците, е израз на слабост или страв од евентуален пораз од опозициската коалиција, Османи рече дека напротив, тоа е израз на сила.
„Помалите етнички заедници досега не гледаа во нас заштитник на нивните права и на нивните интереси. Иако по логиката на нештата тие требаше да гледаат во нас заштитник, затоа што ние сме поминале низ тоа што поминале другите заедници и ако некој може да ги разбере, тоа сме ние. Тие видоа дека ние можеме да се бориме за позицијата на Албанците во државата и со тоа стекнаа доверба дека можеме да бидеме нивни заштитници“, рече Османи.