Османи: Покрај државен консензус за ЕУ, потребен е и економски државен консензус


Нашата економија е жртва на постојаните циклични политички кризи на поларизацијата, на чувството на секоја политичка партија дека од нив почнува економијата, од нив почнува државата, а бидејќи влегуваме во период на преговори со ЕУ, државата мора покрај државен консензус за ЕУ, да постигнеме и економски државен консензус по однос на општите параметри, смета претседателскиот кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ и актуелен шеф на дипломатијата Бујар Османи. 

Османи, изјавата ја даде пред состанок во Стопанска комора на Северна Македонија, како дел од серијата средби што ги има како кандидат за претседател со економските чинители и останатите стопански комори, посочувајќи дека ќе информира и за глобалните случувања и нивното влијание врз економијата во земјава.

-Очекувам да ги слушнам нивните очекувања, нивните стручни анализи по однос на економските текови, меѓутоа се разбира и да им ги пренесам моите прво информации по однос на глобалните случувања и надворешно политичките случувања, можните ризици, случувањето во Блискиот Исток, можната ескалација, можниот бран бегалци коишто се’ ќе влијае на економските текови и во нашата држава, но пред се да ја предложам мојата програма како кандидат за претседател, а сметајќи дека улогата на претседателот е покрај тоа да биде компас на геополитичката ориентација и сврзно ткиво на етничките и политичките наративи е да биде креатор на државниот консензус, рече Османи.

Доколку биде избран за претседател на државата најави дека ќе предложи создавање национален совет за економски раст, во кој би членувале претставници на политички партии и економски чинители, а кој би функционирал како еден вид на државен управен борд со цел постигнување на државен консензус по однос на клучните параметри и регулативи за еден забрзан и одржлив развој. националниот совет би имал пет работни групи: за ефикасни институции и професионална администрација, за одржливи финансии, за дигитализација, човечки капитал и за инфраструктурата. Во секоја од работните групи  би имало меѓународни експерти и би имало наши претставници од дијаспората коишто се интегрирани во нивните општества со цел д се пренесат нивните искуства.

-Овие работни групи ќе предложат политики, закони, регулативи, параметри до национален совет, овој државен совет за постигнување државен консензус којшто ќе ги одобри очекувам во првите шест месеци да се направи првиот предлог, тогаш политичките партии ќе ги усвојат тие закони и тие регулативи без расправа. Владата заедно исто така со опозицијата ќе ги имплементира и ќе ги мониторира бидејќи сметам дека нашата економија е жртва на постојаните циклични политички кризи на поларизацијата, на чувството на секоја политичка партија дека од нив почнува економијата, од нив почнува државата, од неконзистентноста во политиките, од поништување на претходните политики сметајќи дека нивните се подобри, а бидејќи сметам дека влегуваме во период на преговори со ЕУ мора да имаме покрај државен консензус за ЕУ, да постигнеме и економски државен консензус по однос на општите параметри. Дали групата за одржливи финансии ќе предолжи дефицитот да не биде повеќе од 3 проценти и тоа ќе биде  усвоен од страна на овој борд, што значи и од позицијата и од опозицијата и од чинителите, тогаш секој мора да го почитува и без расправа тоа да го имплементира. Ако надворешниот долг не треба да биде над 60 проценти, сите чинители ќе го почитуваат тоа. Исто како што е со регулативите и директивите на ЕУ. Тие се фиксни, тие не се преговараат, тие само се имплементираат, вели претендентот за шеф на државата Османи.