Османи побарал помош од Турција за евентуално извлекување на наши државјани од Авганистан


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи Бујар Османи остварил контакт со неговиот турски колега Мевљут Чавушоглу од кого добил уверување дека доколку има потреба ќе помогнат при извлегување на македонските државјани од Авганистан.

–  Со оглед дека Република Турција има широко дипломатско и логистичко присуство во Кабул, побарав евентуална асистенција доколку се појави потреба за извлекување и на нашите граѓани таму. Добив уверување од колегата Чавушоглу дека нивното присуство во Кабул е стабилно, дека располагаат со доволно логистички капацитет за трансфер на нивните граѓани и дека ќе имаат предвид, доколку се појави потреба, да помогнат и при извлекување на наши граѓани, напиша Османи на Фејсбук.

Претходно, Министерството за надворешни работи соопшти дека во Авганистан има околу 100 наши државјани, но дека засега сите се на безбедни локации.

Инаку, Талибанците стигнаа до периферијата на Кабул, главниот град на Авганистан и според информациите, милитантите „чекаат мирен трансфер на градот Кабул“.