Вјоса Османи побара да се цени придонесот на Албанците во Македонија за евроинтеграцијата


 

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја искористи денешната посета за да побара, по малку патронатски, граѓаните во државава да го ценат повеќе придонесот на Албанците од Македонија за евроатлантската иднина на земјата, нарекувајќи ги браќа и мои сонародници. 

„Почестена сум што сум во државата што многу мои сонародници ја нарекуваат своја земја. Освен придонесот во изградбата на институциите на Република Северна Македонија, Албанците биле и ќе бидат важна позитивна сила за постигнување на евроатлантските аспиерации. Важно е да има поддршка за Албанците во Македонија во сите сфери на општеството како еднакви граѓани кои придонесуваат за напредокот на државата“, порача Османи, која наспроти тоа ги означи како „криминални и корумпирани структури“ кои се раководени од Белград тие што не ја прифаќаат косовската управа во северниот дел на соседната држава.

„Во секоја држава унапредувањето на правата на граѓаните е главниот столб на демократското општество. Сакам да ги поздравам албанските браќа и сестри и во текот на мојата посета сакам да се запознаам со нивните иницијативи“, порача Османи. 

Потоа, на некој начин Османи ја помина тенката дипломатска линија коментирајќи ги настаните во сопствената држава и односите со Србија, и покрај јасно изнесената позиција на претседателот Стево Пендаровски дека Македонија не е дел од спорот меѓу Приштина и Белград и дека нема да фаќа страна во нивниот политички дијалог – освен да понуди искуства и добра волја да ја олесни нормализацијата на односите меѓу двете држави. Запрашана како ги коментира случувањата во северниот дел на Косово Османи рече:

„Нашиот устав бара сите граѓани да се еднакви пред законите. Тоа значи дека тие што не го почитуваат треба да се соочат со последици“. 

За односите со Македонија имаше пофални зборови, но не пропушти да спомене дека треба да се финализира автопатот од Скопје до Косово, веројатно мотивирана од најголемиот инфраструктурен проект што се дебатира сега во земјава, а чиј дел не е и овој патен правец. 

„Косово и Македонија не се само географски блиски, туку се и две држави кои имаат иста визија, рече Османи, споменувајќи дека досега се потпишани меѓусебно над 40 меѓудржавни договори и уште многу меморандуми, но беше уверена дека има потенцијал за повеќе.

Пендаровски рече дека Северна Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства со Косово во однос на реформските процеси, како на патот кон Европската унија, така и во однос на членството во НАТО. Истовремено изрази и поддршка за одлуката на Европската унија за визната либерализација за Косово и учеството во различните регионални формати на соработка.

Двајцата претседатели положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев

„Неизбежна тема, се разбира, беа и односите на Косово со Србија, при што го реафирмирав нашиот став по ова прашање, а тоа е дека го поздравуваме постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на Европската Унија за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, чија што имплементација ќе придонесе за мирот, стабилноста, безбедноста и развојот, не само на нашите соседи, туку и на регионот во целост“, рече Пендаровски.

Заопрашан за ставот околу Заедницата на српските општини тој  сепак стави јасна линија до каде оди поддршката на Македонија. 

„Ние не сме, ниту сме биле, ниту ќе бидеме страна во тие преговори. Во Охрид бевме само домаќини, се надевам добри. Она што можеме е да им ги покажеме  примерот, искуствата и компромисите што ги имавме и ги направивме во изминатиот  период.  Ние ги признаваме двете држави, и со двете имаме дипломатски односи и немаме намера да заземаме страна. Но, ако некој сака да погледа и да научи нешто од нашите искуства од Охридскиот договор нема да погреши, иако спецификите на секоја држава условуваат специфични решенија, но секако има модели внатре што може да бидат искористени“, рече Пендаровски. 

Тој додаде дека на средбата со Османи разговарале и за можностите за унапредување на правата на Македонците во Косово, во време кога,како што рече „некои странски пропаганди се повторно активирани“. Како одговор, тој навести зближување на граѓаните од двете страни на границата и олеснување и интензивирање на прекуграничната соработка.

Пендаровски и османи по разговорите положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.