Османи очекува да дојдат и Блинкен и Лавров во Скопје

одлуката на ЕУ за санкции за прелети на руски авиони не се однесува на настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ, изјави Османи


 

Неспоменувајќи директно имиња македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека очекува сите министри на земјите членки да дојдат на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Според него, одлуката на ЕУ за санкции за прелети на руски авиони не се однесува на настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ, изјави Османи во врска со прашањето на учеството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Одлуката за санкции на ЕУ не се однесува за настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ. Оттука е одлука на владите да донесат, меѓутоа правен основ во ЕУ има. Таква одлука треба да донесеме ние и една земја најмалку од нашите соседи – Бугарија или Грција за да може да се обезбеди прелет. Меѓутоа, во оваа фаза ги процесуираме барањата, за неколку дена ќе излеземе со конечен став“, рече Османи.

Тој нагласи дека се процесуирани сите барања за визи за државите каде што има потреба од визи. Одлуката е на Македонија, а кога ќе биде донесена ќе бидат информирани граѓаните.  

Прашан дали треба одобрение од НАТО за доаѓањето на Лавров, тој рече дека нема потреба за консултации со НАТО по однос на ОБСЕ бидејќи Алијансата не е страна во организацијата.

За тоа што доколку некоја од другите земји члелнки на ОБСЕ се спротивстави на учеството на Лавров, Османи кажа дека и тоа го следат внимателно.

„Јас веќе кажав јавно, една од причините зошто допатував до Киев беше да разговарам и по однос на ставот на Украина во таков услов. Сѐ уште разговараме со сите земји учеснички за да обезбедиме присуство на сите“, изјави Османи.  

По однос на државниот секретар на САД Ентони Блинкен, повтори дека се очекува негово учество.

„Немам индикации досега дека нема да дојде. Значи, ние се подготвуваме за доаѓање на државниот секретар на САД“, подвелече Османи..  

Тој повтори дека во Скопје ќе дојдат 76 делегации, од кои од 57 земји учеснички и останатите се од земји партнери од Медитеранската група и од Азиската група, односно околу илјада членови на делегациите.

Со цел намалување на трошоците за органиација на настанот, вчера пуштил и барање до почесните конзули на други држави во Скопје, тие кои се подготвени да ги понудат своите возила, да помогнат во оваа конференција да ги достават нивните службени возила како ВИП возила за високите делегации.

„Донесовме одлука на Влада да се препорача сите градоначалници исто така да овозможат да ги достават своите возила, тие што ги исполнуваат условите, а се разбира и сите државни институции со цел да се минимизираат трошоците на МНР во организација на конференцијата“, истакна Османи.