Османи како министер на Косово – изнел личен, а не владин став за „Отворен Балкан“


 

Мој личен став, а не владин е изјавата за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата „Отворен Балкан“ доколку се докаже дека Србија на било каков начин е вклучена во нападот во Северно Косово, изјавил за Канал 5 министерот за надворешни, Бујар Османи.

Во краток писмен одговор шефот на дипломатијата потенцира дека за ова прашање не се разговарало во Владата. Оттаму, пак, немало коментар за изјавата на Османи.

Шефот на дипломатијата во синоќешното гостување во емисијата „Топ тема“ кажа дека заедничката иницијатива ќе биде невозможна ако се покаже вмешаност на српските државни институции во нападот во Косово.

„После случувањата на Косово на 24 септември мислам дека Србија треба да направи напори да докаже дека не е вмешана во тој настан бидејќи доколку има какво било државно вмешување навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот, бидејќи идејата за Отворен Балкан, пред се, беше помирување. И ова што се случи во Северно Косово се надевам дека ќе се докаже дека нема државно вклучување, но ако се докаже, навистина мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество“, рече Османи.

Дел од аналитичарите оценуваат дека треба да се остави простор на истрагата да покаже дали и каква вмешаност има во инцидентите кај Бањска. Според Петар Арсовски и Алберт Муслиу евентуалното утврдување на одговорност од Србија секако ќе има импликации и врз односите во Отворен Балкан и врз македонско-српските односи.

Од партијата Македонски концепт најостро ги осудија, како што велат, низата обиди на Османи, со кои директно и свесно ја внесува Македонија во српско–косовскиот судир, што е дел од руското сценарио за дестабилизација на Балкан и јужното крило на НАТО.

Отворен Балкан е регионална иницијатива создадена од Македонија, Србија и Албанија за поголема социјална, економска и трговските соработка и интеграција во регионот. Првите официјални документи за соработка пред околу две години ги потпишаа Заев, Вучиќ и Рама. Сепак главните забелешки на критичарите беа дека „таму не се сите земји од Западен Балкан“, иако отворен интерес покажаа и Босна и Херцеговија, Црна Гора, додека Косово беше против заради односите со Србија.