Османи го прегази Таравари во 16 општини


Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Бујар Османи, има предност во 16 општини во земјава во однос на Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Вреди“.

Битката меѓу Османи и Таравари се водеше главно во општините во Западна Македонија, каде што доминира етничко албанско население. Според податоците на ДИК, Османи бележи предност наспроти Таравари во 16 општини -Чаир, Сарај, Арачиново, Шуто Оризари, Студеничани, Липково, Боговиње, Пласница, Врапчиште, Дебар, Тетово, Центар Жупа, Струга, Кичево, Долнени и Желино.Од општините каде што освоил повеќе гласови од Таравари, најтесна е разликата во Тетово. Таму, според 99,85 отсто обработени избирачи, Османи освоил 14.726 гласа, а кандидатот на „Вреди“ 14.030 гласа.

Во Арачиново Османи освоил 1.841 глас наспроти Таравари со 1.093 гласа, додека во Желино кандидатот на „Европскиот фронт“ освоил 3.500 гласови наспроти Таравари кој освоил 3.195 гласа. Разликата во освоени гласови е помала и во Долнени. Османи таму освоил 1.846 гласови, а Таравари 1.324 гласа.

Речиси 6.000 гласа разлика во освоените гласови на Османи и Таравари има во Кичево. Кандидатот на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ во оваа општина освоил 8.040 гласови, а Арбен Таравари 2. 055 гласа. Во Струга, пак, Османи добил 8.073 наспроти  3. 374 гласа освоени од Таравари. Во апсолутни бројки  Османи освоил 120.903 гласови, а кандидатот на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, 83. 356 гласови според обработени 99,85 отсто од избирачите.Од ДУИ вчера масовно му порачуваа на Таравари да си се врати на професијата по овие резултати.

Една од двете општини во која Арбен Таравари има предност пред Османи е општината каде што тој е актуелен градоначалник – Гостивар. Таму, според речиси целосно обработени податоци на Државната изборна комисија, Таравари освоил 9. 895 гласови, а Османи 75 помалку, односно 9. 820 гласа, практично му дише во врат. Таравари води пред Османи и во Теарце каде што освоил 3. 595 гласа, односно 41 повеќе од  Османи.