Османи го донесе Лавров, го „избрка“ Кулеба

Поради присуството на Сергеј Лавров отсуство од министерскиот состанок на ОБСЕ најавија и Естонија, Латвија и Литванија


Бујар Османи и Дмитро Кулеба за време на нивната средба во Киев

 

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба нема да учествува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, објави украинското Министерство за надворешни работи, со објаснување дека присуството на руската делегација на средбата на министерско ниво за првпат од почетокот на руската целосна инвазија на Украина само ќе ја продлабочи кризата во која Русија го воведе ОБСЕ.

„Денес, Руската Федерација го присилува и поткопува ОБСЕ преку злоупотреба на владеењето на консензус. Со прибегнување кон уцени и отворени закани, Руската Федерација систематски го блокираше консензусот за клучните прашања. Блокирањето на кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година стана уште еден пример за злоупотреба на Русија. Понатаму, Русија незаконски приведе тројца украински претставници на ОБСЕ кои се во притвор повеќе од 500 дена. Русија создаде егзистенцијална криза во рамките на ОБСЕ и ја претвори Организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија“, пишува во соопштението од украинското МНР.

Истовремено, оттаму се осврнуваат на нивните напори „како да се спаси ОБСЕ од Русија“.

„Нашите заеднички напори треба да ги насочиме кон тоа како да го спасиме ОБСЕ од Русија, а не да испраќаме пораки за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја пред февруари 2022 година на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки“, додаваат од Министерството.

Сепак, велат дека иако нема да учествуваат на министерско ниво, остануваат посветени на принципите на ОБСЕ. Украина на форумот сепак ќе биде претставена од делегација од нивното МНР, потврдија од украинската амбасада во Скопје.

„Делегацијата на Украина нема да учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ на ниво на министер за надворешни работи. Во исто време, Украина останува посветена на принципите на ОБСЕ и е подготвена да продолжи да работи со партнерите за враќање на почитувањето на завршниот акт од Хелсинки, особено преку имплементацијата на Формулата за мир на претседателот на Украина Володимир Зеленски“, велат оттаму.

Во соопштението од Киев се додава дека ги ценат напорите на Македонија како претседавач во 2023 година, како и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој, како што се наведува, „покажа висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и заложбите на ОБСЕ“. Исто така се изразува благодарност за „Северна Македонија за приоритетот на прашањето за спротивставување на руската агресија врз Украина во текот на нејзиното претседавање“.

И министрите за надворешни работи на Естонија, Латвија и Литванија во заедничка изјава  објавија дека нивните земји нема да присуствуваат во Скопје поради доаѓањето на Лавров. 

„Присуството на Сергеј Лавров на министерството на ОБСЕ, исто така, ризикува легитимирање на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, тривијализирање на свирепите злосторства што Русија ги прави и поднесување на руското грубо кршење и непочитување на основните принципи и обврски на ОБСЕ “, изјавија министрите.

И покрај ваквите најави министерот Бујар Османи се пофали преку социјалните мрежи дека Македонија како претседавач со ОБСЕ одиграла клучна улога на меѓународната политичка сцена. „Водејќи го ОБСЕ во исклучително тешки услови, нашата работа е оценета со највисоки оцени од меѓународните партнери“, порача Османи со видео. (Н.В.)

„Спремни сме“ – Османи објави фотографија од салата во „Борис Трајковски“ за Самитот на ОБСЕ