Османи: Ако усвоиме резолуција за црвените линии Бугарија може да ја врати декларацијата во парламентот
Ако Бугарија ја врати Декларацијата во парламентот, која мораше да ја поништи за да се усвои Преговарачката рамка, тоа ќе биде крај на преговорите со ЕУ и крај на европската перспектива

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека подготовката на резолуцијата со која ќе се одредат „црвените линии“ на земјава во однос на Бугарија е во финална фаза и дека ќе биде вин-вин решение за државата и за граѓаните. Со таа идеја тој беше во посета на Париз и им понуди договор околу резолуцијата на другите политички партии.
Според поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, и покрај добрата намера, резолуцијата може да предизвика штета ако испровоцира исто таков потег од Бугарија. На прашањето дали ќе ја подржат како ДУИ резолуцијата за црвените линии Османи во интервју за „Независен“ (кое ќе го објавиме в недела) вели дека не ни треба резолуција кога веќе имаме Преговарачка рамка.
„Зошто ви е резолуција кога имате Преговарачка рамка? Што ќе донесе таа? Сакаме ли да ги поттикнеме Бугарите и тие да донесат нова декларација? Да се зацементираат црвените линии? Па, црвените линии се во Преговарачката рамка. Нема бенчмарк за историјата. Јазикот е утврден. Посебноста ја признаа. Без оглед што за домашна употреба пуштаат забелешки за записникот, тие си гласаа за Преговарачката рамка, а во неа стои македонскиот јазик“, вели Османи.
Според него, треба време за да се сфати дека Преговарачката рамка е најдобро решение за Македонија.
„Колкупати да кажам: Во договорот што го потпиша Љупчо Георгиевски стоеше ‘македонски јазик согласно уставот’, во договорот на Заев стоеше ‘македонски јазик согласно уставот’, во договорот што го направи Бујар Османи стои само ‘македонски јазик’. Треба очигледно временска дистанца за да се сфати тоа.
Тој што го става под ризик овој процес за јазикот ја ризикува и посебноста. Што ако Бугарија го смени ставот за внесување на Бугарите во уставот и го вратат стариот став? И, речат: Не сакаме тоа, ние сме еден народ и додека не го признаете тоа нема да влезете во ЕУ. Тоа ли е наш интерес?“, вели Османи во одговорот на прашањето за резолуцијата што ја подготвува СДСМ.
„Значи, ние ги убедивме да го прифатат тоа. А, јас знам каква беше првичната реакција на Бугарите за внесување во уставот: ‘Тоа никогаш нема да сде случи. Никогаш Бугарија нема да прифати концепт на два различни народа. Ние го одбиваме тоа!’ Вака, може да ја вратат декларацијата со која ќе се врати прашањето за јазикот и за посебноста на нацијата. Што ако го решат тоа? Тоа ќе биде крај на преговорите со ЕУ и крај на европската перспектива. Ние тука ќе останеме, српскиот свет ќе влезе со сите влијанија, бидејќи е веќе влезен со идентитетско-културни, сега евентуално и со банка за да можат да ги спонзорираат политичките партии и бизнисите, со телекомуникации, ќе влезат унгарските кредити. Српскиот свет не е проблем сам по себе, туку затоа што е платформа на рускиот свет и што со тоа ќе заврши нашата држава“, порачува Османи.
Околу иницијативата за оценка на уставноста на Протоколот потпишан со Бугарија и логиката дека, ако има втор, зошто да нема и трет протокол, Османи вели:
„Треба да има и трет, и четврт, секоја година мора да има. Но, тоа не е договор, тоа е записник од средба. Видете, за да да постигнеме договор Бугарија требаше да ја поништи својата Декларација на парламентот. Знаете што велеше таа за јазикот. Ако ние го поништиме Протоколот тие можат да ја вратат Декларацијата. Така што, јас мислам дека треба да се држиме до Преговарачката рамка. Двете најголеми прашања во спорот со Бугарија ги решивме – ‘македонски јазик’ без додатоци и посебноста на македонскиот народ. Македонскиот јазик преку Преговарачката рамка и ФРОНТЕКС, посебноста преку вклучувањето на Бугарите во Уставот. Бидејќи со внесување на Бугарите како малцинство тие ја признаваат посебноста на македонскиот народ. Тие беа двете најголеми прашања.
Останува едно – историјата. Во Протоколот, модусот што го договоривме е ‘охрабрување’, за да не биде нешто задолжително. Кога ќе се релаксираат односите, ако влеземе во ЕУ, ќе се смеат луѓето на оваа тема. Значи, имавме две сериозни прашања со Бугарија и тие ги затворивме“, тврди Османи.
Во интервјуто, што ќе го објавиме в недела, тој зборува за мотивите што го поттикнале да се кандидира за градоначалник на Чаир, за состојбата во општината, за српскиот свет, за урбанистичките решенија и дека државата забрзано оди назад, па власта нема да го издржи целиот мандат. (С.Ј.)