Ориѓански: 6 месеци чекаме Албанија да го ратификува договорот за МКЦ во Тирана
Познатиот музичар, Златко Ориѓански, кој е именуван за прв директор на новоформираниот Македонски културно-информативен центар во Тирана, реагира на бавноста на албанскиот Парламент, без кого не може да започне со работа оваа институција.
,, Цели 6 месеци чекаме, република Албанија да го ратификува во својот парламент, (формална постапка која се прави за 5 мин), потпишаниот договор за отворање на Македонски културен центар во Тирана, албански во Битола. Македонската страна, одамна го заврши својот дел од постапката. Божествено голема тајна е да знаеш да земеш, ама уште поголема да дадеш“-напиша Ориѓански на својот ФБ профил.
По потпишаната Спогодба меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Албанија за основање Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Тирана и Културно-информативен центар на Република Албанија во Скопје, Ориѓански беше именуван за прв директор,а овој културно-информативен центар.
„Двете институции се формираат за да организираат во своите простории библиотеки и читални, да издаваат или увезуваат публикации кои се однесуваат на културните и научните информации од својата земја. Исто така, ќе прикажуваат филмови во и надвор од своите простории, со посредство на институциите во земјата домаќин, ќе организираат литературни, научни и други предавања проследени со визуелни илустрации или музички изведби и ќе организираат во своите простории секаков вид изложби“, информираат од Министерство за култура.