Орданоски: Од сите претседателски кандидати само Пендаровски не е националист


„Гордана Силјановска Давкова е многу повеќе Ѕинго отколку што е ВМРО-ДПМНЕ. И кога ќе ја видиш нејзината идеологија, нејзините ставови, односите кон Албанците, тоа е една многу блиндирана анти-албанска позиција. Ги има сите карактеристики на еден пост-комунистички национализам. Во Македонија се уште си постои тој сентимент“- рече уредникот и колумнист Сашо Орданоски на интервју на „Слободен печат“.

Тој додаде дека има многу гласачи во тој сегмент, особено кога има разочараност во СДСМ, но од седумте кандидати на листата, само Стево Пендаровски не беше националист.

„Во Македонија, македонскиот  и албанскиот национализам се политички покоректни од другите балкански ситуации. Ние заради политичкиот модел, историјата, искуствата што ги имаме, дури и во варијантата на Левица нема да видиме отворен тврд национализам, како што го има во Србија. Пендаровски се спротивстави на шест противкандидати што беа со националистички платформи“, потенцираше Орданоски.

„Го гледав говорот на Мицкоски, јас поконфузен говор не сум видел на таков убедлив победник, чијшто кандидат се натпреварува во претседателска кампања. Беше конфузен, како да беше и уплашен од успехот“,рече  Орданоски. Тој додаде дека Мицкоски сега е во позиција кога не може да нема став, туку мора да донесе одлуки и да каже план за многу работи и низа на прашања. Според него, Мицкоски е резултат на една политика којашто прави разни дилови со разни фактори во Македонија.

„Вчера конфузниот говор на Мицкоски ми делуваше како на човек кој е фатен на среде и не му е јасно сега што го чека. А, јасно му е дека ќе го чека голема агенда. Бидејќи тој ќе сака да има брзи резултати, но некој од работите што му се ставени на маса со овие резултати ќе биде тешко да ги спроведе“, потенцираше Орданоски.

И според негова оценка СДСМ потфрли  на овие избори. 

„Иако поразот на СДСМ е многу голем, и победата на ВМРО-ДПМНЕ е исто така многу голема, таа не е голема во некоја фантастична цифра, сме имале и поголеми претседателски победи. И ќе видиме во вториот круг како ќе биде. Можеби ќе достигнат една цифра, меѓутоа реално СДСМ потфрли. Има уште едно крупно потфрлување, а тоа е на Левица, и мислам дека тоа е многу интересна приказна за која не дека некој е изненаден“,оцени Орданоски.

Тој додаде дека изненадување на вчерашните избори е и Максим Димитриевски со бројот на освоените гласови.Во однос на вториот круг и почнувањето на нула, во однос на Пендаровски, Орданоски смета дека тој може да направи подобар резултат.

„Бидејќи се споени вториот круг претседателски избори и парламентарните избори сега доаѓа доминантно математиката, бидејќи партиите сега мораат математички да се пресметаат со ова одмерување на силите, кое нема да се преслика и на парламентарните избори“, потенцираше Орданоски.