Орце го цитира Мицкоски за идентитетот на состанок на општини во Брисел
На состанокот на Европскиот комитет на регионите градоначалникот на Скопје изјавил дека Македонија треба да влезе во ЕУ исправена, со крената глава и со зачуван идентитет
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера во Брисел беше копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет при Европскиот комитет на регионите, форум посветен на соработката меѓу македонските општини и локалните власти од земјите членки на Европската унија. Не дознавме како комитетот на регионите може да им помогне на македонските општини, но јавноста беше запознаета како градоначалникот на главниот град на расправа за општински и регионални проблеми го бранел идентитетот. Со истите зборови како што го прави неговиот партиски шеф и премиер Христијан Мицкоски.
Ѓорѓиевски преку фејсбук информираше дека на состанокот се разговарало за улогата на локалната самоуправа во процесот на европска интеграција, за зајакнување на соработката меѓу општините, размена на искуства и спроведување на реформите потребни за подобрување на животот на граѓаните. Ама..
„Македонија останува цврсто определена кон членство во Европската унија, но не по цена на својот идентитет, јазик, историја и достоинство“, напиша Ѓорѓиевски дека тоа го кажал. И зборувал „за неправдите кои нашата држава ги чувствува од соседна Бугарија“.
И на состанокот за соработка на регионите и општини тој го цитира премиерот: „Како што јасно порача и премиерот Христијан Мицкоски, нема отстапки од македонскиот идентитет по ниту една цена. Европската интеграција останува стратешки приоритет на Македонија. Но, тоа мора да биде пат на принципи, почит и еднаквост. Пат на реформи, развој и европски стандарди, а не пат на уцени, негирања и понижувања“.
И додадав дека на патот кон ЕУ„општините имаат клучна улога во овој процес“. Ѓорѓиевски и како претседател на ЗЕЛС треба да расчисти дали општинитеќе бидат главни чувари на идентитетот или треба да се грижат за секојдневните проблеми на граѓаните и подобар живот во нивните средини.
Или можеби тоа е второстепено за еден градоначалник на главниот град бидејќи тој на Фејсбук пишува:
„Македонија таму (во ЕУ) треба да влезе исправена, со крената глава и со зачуван македонски идентитет. Затоа што европската иднина има смисла само ако во неа влегуваме како Македонци, со своето име, својот јазик и своето достоинство“.