Опскурна Фејсбук група објави дипломатска нота со детали за зимувањето на сопругата и синот на премиерот во Бугарија во јануари


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави информации за ново нарушување во македонско-бугарските односи што дополнително ја компликува и онака сложената ситуација со македонските евроинтегративни процеси и навидум дава извогор за поголемо заладување на односите меѓу двете земји.

На новинарско прашање дали во периодот што следи се очекува придвижување во дијалогот со Бугарија, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека пораките што пристигнуваат од Софија не оставаат простор за оптимизам. Напротив. Како пример за заострување на односите Мицкоски посочи на одредена објава на дипломатска нота која се однесувала на неговата сопруга и неговиот син.

„Сигналите кои доаѓаат оттаму, не ме прават оптимист. Напротив сметам дека состојбата се радикализира. Еве вчера видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби исто така би биле интересни за јавноста. Вчера видов еден преседан“, изјави Мицкоски.

Тој додаде оти за овој случај ги информирал и партнерите во НАТО бидејќи смета дека со објавувањето на ваква дипломатска нота се загрозува безбедноста на неговото семејство.

„Сепак ние сме земја членка на НАТО. Јас ја користам оваа прилика и на мојата сопруга и на мојот помал син Антонио да им се извинам што мора сето ова да го трпат“, рече Мицкоски додавајќи дека станува збор за аматерски потег што не треба да нѐ дефокусира од, како што рече Реформската агенда и економијата.

Инаку, дипломатската нота за која зборува премиерот, всушност е документ кој македонската амбасада во Софија го испраќа до бугарското Министерство за внатрешни работи на 6 јануари 2026 година, во кој се наведени детали за патувањето на сопругата и синот на Мицкоски од 8 до 11 јануари во познатото зимско одмаралиште во Бугарија, Пампорово. Овој документ е објавен на позната анти македонска ФБ страна која се нарекува „Грубовци, Енидже Вардар – родна Македония“.

Во документот објавен на ФБ групата на 16 јуни се гледа дека аматерски се редактирани одредени информации, но сепак јасно се гледаат детали околу информациите за службените возила, имињата на патниците, оружјето кое го носело обезбедувањето, како и радиофрекфенцијата на која комуницирале.

По објавата на оваа контроверзна ФБ група, објавен е напис на еден локален про-бугарски блог, па дури и е направен и рил со помош на вештачка интелегенција, кој изобилува со коментари полни со говор на омраза. (Мета)