Општините Пустец и Росоман се збратимија и договорија унапредување на соработка во повеќе области


Општина Пустец и Општина Росоман денеска потпишаа меморандум за збратимување,  како силен израз на пријателство, меѓусебно почитување и заедничка визија за иднината.  
 
Збратимувањето го официјализираа градоначалниците Пали Колефски и Ѓорѓи Крстевски.  
 
– Општина Пустец и Општина Росоман официјално се збратимија, правејќи важен чекор кон зајакнување на односите меѓу нашите две заедници и отворајќи нови можности за соработка во областа на економскиот развој, туризмот, културата и општествениот живот, објави Колефски. 
 
Оценува дека збратимувањето претставува не само институционално партнерство, туку и мост на пријателство што ги поврзува нашите луѓе преку заедничката историја, традициите и вредностите. 

-Верувам дека оваа соработка ќе донесе конкретни резултати и нови можности за граѓаните на двете општини, посочува Колефски. 

Додава дека му била голема чест да ги пречека претставниците на Општина Росоман, градоначалниот Крстевски и претседателот на Општинскиот совет Ангел Камчев, кои биле во прва посета на Општина Пустец. Биле придружувани од Киро Настовски, по потекло од селото Шулин, чие семејство се иселило од овој крај во 1946 година. 
 

Кон крајот на март годинава Општина Пустец се збратими со Општина Кичево, кога во Пустец престојуваше градоначалникот Александар Јовановски.  
 
Двајцата градоначалници, меѓу другото,  констатираа дека оваа значајна средба претставува уште една потврда дека пријателските односи меѓу општините може да се развиваат во цврсти партнерства, насочени кон размена на искуства, меѓусебна институционална поддршка и реализација на заеднички иницијативи во повеќе области од локално значење.