Општините немаат документи усогласени со националната антикорупциска рамка
Општините немаат документи усогласени со националната антикорупциска рамка. Во повеќето статути не се содржани одредби за јавна отчетност, пристап до информации, судир на интереси и етички стандарди. Мал број општини имаат кодекси на етика, а во голем дел недостасува обврска за објавување на одлуките, седниците и записниците од советите и комисиите. Овие пропусти ја ограничуваат транспарентноста на одлучувањето и ја зголемуваат можноста за злоупотреба на службената положба, покажала „Анализата на правната рамка за превенција и спречување на корупцијата со посебен фокус на општините во Република Северна Македонија“ изработена од страна на професорите Мишо Докмановиќ, Мемет Мемети и Дарко Спасевски, во рамки на проектот на НДИ – Заедници со интегритет.
Оваа анализа денеска беше презентирана во Комисијата за локална самоуправа во Собранието на барање на Националниот демократски институт (НДИ).

Професорите при своето образложение на Анализата, истакнаа дека била спроведена анализа на постојната законска рамка за превенција и спречување на корупцијата, во периодот од јуни до октомври 2025 година и притоа биле опфатени триесет клучни закони во областа, со посебен фокус на општините во земјата. Во насока на изработка на анализата биле спроведени и интервјуа со клучните носители на интереси како на централно ниво така и во целните општини на локално ниво (Битола, Боговиње, Гази Баба, Куманово, Струмица и Штип).
Истражувањето има за цел да ја процени ефикасноста на законите за борба против корупцијата на национално и на општинско ниво, но и да даде препораки за подобрување на законодавството и да ја процени политичката изводливост на овие реформи.
При истражувањето е утврдено дека поголемиот број општини немаат документи усогласени со националната антикорупциска рамка. Во повеќето статути не се содржани одредби за јавна отчетност, пристап до информации, судир на интереси и етички стандарди. Мал број општини имаат кодекси на етика, а во голем дел недостасува обврска за објавување на одлуките, седниците и записниците од советите и комисиите. Овие пропусти ја ограничуваат транспарентноста на одлучувањето и ја зголемуваат можноста за злоупотреба на службената положба. За унапредување на состојбата, во Анализата се укажува дека е потребно сите статути и интерни акти на општините да се ревидираат и усогласат со Законот за спречување на корупцијата и други закони, да се воведат кодекси на етика и политики за интегритет, да се обезбеди јавна достапност на сите акти и одлуки, како и да се воспостават регистри на подароци, надворешни активности и ангажмани на избрани и именувани лица. Вградувањето на антикорупциски одредби во статутите и правилниците ќе придонесе за јакнење на културата на интегритет и доверба во локалната власт.
Анализата e направена на над триесет закони разгледани од аспект на можности за корупција, со посебен фокус на работата на општините во Република Северна Македонија. Проектот „Заедници со интегритет“, е финансиран од владите на Швајцарија и Шведска и е имплементиран од НДИ, а има за цел да институционализира поадекватни и поефикасни системи за подобрување на интегритетот во општините и со тоа да ги минимизира ризиците од корупција во Северна Македонија.