Општина Карпош: „Скопје на вода“ нема да има


Фото: Б. Грданоски

 

Груба лага и манипулација се тврдењата за некакви проекти налик на искуства од други држави во регионот. Ниту сме планирале ваков тип на урбанизација ниту планираме. Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги е опасна игра со јавноста која остро ја осудуваме, велат од Општина Карпош, по сѐ погласните најави дека на потегот од СЦ „Борис Трајковски“ до мостот на „Љубљанска“ ќе се градат станбени згради, дури 42, по теркот на  „Белград на вода“.

Велат дека работат на средување на урбанистичкиот хаос кој го наследиле, и дека сите започнати постапки од претходното раководство, преку надлежната комисија за урбанизам се дадени на ревидирање и повторно разгледување.

„Сето ова е преземено со цел да се заштити интересот на граѓаните, развојот на зелениот простор во општината, хуманото уредување на просторот во рамки на законската регулатива. Карпош ќе се развива според потребите на карпошани и во директна консултација со карпошани. Новото раководство на општината ќе работи само и исклучиво во
интерес на граѓаните на Општина Карпош“, уверуваат од таму.

За сите информации кои произлегуваат од постапката за донесување на детален урбанистички план во иднина, преку анкети и сооштенија, навремено и транспарентно ќе бидат информирани граѓаните и пошироката јавност, додаваат од Карпош.

Пред неколку дена од „Независни за Карпош“ објавија дека „42 згради се планира да се изградат од ‘Александар палас’ до изворите на Лепенец, помеѓу ‘Илинденска’ и Вардар“.

Инвеститори ќе бидат фирми од Србија и од Македонија, како и компанијата „Игл хилс“ од Обединетите Арапски Емирати, која го градеше „Белград на вода“, според извори на „Слободен печат“.
Според тие информации, веќе бил подготвен ДУП-от на Општина Карпош за овој простор и договорено мнозинство советници во Советот што треба да го изгласаат.
 
„Мнозинството во Советот го имаат советниците на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со советник од ЗНАМ, ГРОМ и уште некој. Ќе ги држиме советниците на ВМРО-ДПМНЕ за збор, кои цел минат мандат изјавуваа дека нема да гласаат за урбанистички планови кои планираат изградба на згради од десната страна на Вардар, каде се планирани и овие бројни згради.
 
Остануваме будни и активни и СИГУРНО нема да дозволиме туку така да се донесат вакви урбанистички планови кои се простираат во 3 градски четврти, З 01, З 04, З 07. Ако сметаат дека нема да го дигнеме Карпош на нозе, нека знаат дека тоа ќе биде најмалото нешто што ќе го направиме. После четири години полна уста зборови за работење во интерес на граѓаните, на гласање урбанистички планови со згради само од другата страна на Вардар, ако планираат вакви планови ИСКЛУЧИВО во интерес на приватни инвеститори и со тоа да го уништат квалитетот на живот на карпошани, особено во овој дел од општината, НЕМА да помине!“, порачаа од „Независни за Карпош“.