Општина Илинден почнува со реконструкција на спортско игралиште во Кадино

Општина Илинден постојано работи на реконструкција и урбанизација на сите населени места со цел задоволување на потребите на сите граѓани. Деновиве е започната реконструкција на спортско игралиште во населеното место Кадино, поточно во дворот на основното училиште „Ристо Крле“.
Со оваа реконструкција е предвидено поставување на нова заштитна ограда, осветлување со нови столбови и рефлектори, како и изработка на подна бетонска плоча. На ова спортско игралиште ќе бидат санирани головите и ќе бидат поставени нови табли за кошарка, со што ќе може да се користи за повеќе спортови, информираат денеска од Општина Илинден.
Градоначалникот на општината, Александар Георгиевски, извршил увид на игралиштето и истакнал дека освен во просторното уредување и реконструкција, ова повеќенаменско спортско игралиште е од особена важност за релаксација и рекреација на жителите на општината. Тој додал дека овој спортско-рекреативен терен, со својата разновидност ќе им овозможи на сите жители да уживаат во играта, спортот и забавата.
Оваа реконструкција на веќе постоечки спортски игралишта и изградбата на нови, според Општина Илинден, претставуваат континуитет на успешните проекти на Општината за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период, најавуваат оттаму, ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места.