Општина Ѓорче Петров со нов проект за психолошка поддршка на учениците


Општина Ѓорче Петров и Македонската асоцијација за применета психологија – Симболикум (МАПП-Симболикум) потпишаа меморандум за соработка со цел подобрување на менталната благосостојба на учениците.

Преку проектот, кој ќе се реализира во четири општини и осум училишта, се предвидуваат психолошко тестирање и психо-социјални интервенции насочени кон рано откривање на потребите на учениците. Во Општина Ѓорче Петров, активностите ќе се спроведуваат во ОOУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ и ОOУ „Јоаким Крчоски“.

Клучни активности:

· Спроведување на тестирања за личносни димензии и емоционална интелигенција

· Обука на училишните психолози за анализа и интерпретација на резултатите

· Развој на индивидуални психо-социјални интервенции за учениците

· Изработка на прирачник за следење на напредокот

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, д-р Александар Стојкоски, истакна дека општината е меѓу првите во земјава што имплементира ваков проект, со јасна цел: подобрување на психолошката поддршка во училиштата и создавање услови за здрав емоционален и социјален развој на учениците.

Проектот ќе се спроведува во текот на 2025 година, без финансиски надомест за двете страни.

Општина Ѓорче Петров продолжува со инвестиции во иднината на младите, вложувајќи во нивниот личен и образовен развој.