Општина Аеродром не чувствува потреба за дополнително прскање против комарци, нема мерки ни за поплавените подруми
Општина Аеродром смета дека законски утврдена надлежност за прскање против комарци има Град Скопје, а дека општината нема избор, тоа да го направи сама, вонредно, и покрај фактот што во Аеродром има четворца заразени и еден од Долно Лисиче и е под прогласена епидемија.
„Општина Аеродром ја следи состојбата и целосно ја разбираме загриженоста на граѓаните поврзана со комарците и со случаите на западнонилска треска. Но, важно е јавноста да ја има точната информација: дезинсекцијата, односно системското прскање против комарци на подрачјето на Скопје, е во надлежност на Град Скопје, а не на општините. Тоа не е прашање на избор или одлука на Општина Аеродром, туку законски утврдена надлежност“, одговорија од Општина Аеродром, на прашање на „Независен.мк“, дали планираат да преземат мерки за заштита на населението од комарци.
Во продолжение на одговорот го цитираат и Член 10 од Законот за Градот Скопје, во делот на надлежностите на Град Скопје, каде се утврдува дека „Заштита на животната средина и природата – заштита, преземање мерки и спречување од загадување на водата, воздухот и земјиштето, како и заштита на природата, на подрачјето на градот Скопје“, а во делот на „Комунални дејности“, меѓу останатите комунални надлежности, изречно е наведена и „дезинсекција на подрачјето на градот Скопје“.
„Оттука, Општина Аеродром не може самостојно да ја преземе надлежноста за градска дезинсекција, ниту може да спроведува системско прскање наместо Град Скопје“, додаваат од Општина Аеродром во одговорот до „Независен.мк“.
Но, при прогласена епидемија, надлежностите се менуваат, па така и општините имаат обрска да преземат мерки за заштита на своето население, покрај мерите кои ги презема Град Скопје.
Во Член 57, пак, се наведува дека во случај на епидемија, како и во случај на поголеми елементарни и други несреќи кои можат да предизвикаат појава на епидемија на заразна болест, можат да се наредат следниве времени мерки:
„1) обврска здравствените работници и здравствените соработници да вршат здравствена дејност во вонредни услови;
2) ограничување на правото на штрајк;
3) ставање на располагање и користење на работни и други простории, опрема, лекови и превозни средства за вршење на здравствена дејност;
4) одредување на посебни задачи на здравствените установи и
5) други мерки пропишани со овој закон.
Мерките од ставот 1 на овој член траат додека постои опасност од ширење на епидемија. Владата на Република Македонија на предлог на Министерството одлучува кои од мерките од ставот 1 на овој член ќе се применат и за кој временски период“.
Вообичаено по прогласувањето епидемија, здравствените власти го засилуваат епидемиолошкиот надзор и тестирањето; преземат мерки за спречување на понатамошно ширење; спроведуваат дезинсекција, ако станува збор за болест што ја пренесуваат комарци; даваат препораки или наредби за заштита на населението; обезбедуваат соодветни капацитети и ресурси во здравствените установи.
Општина Аеродром не може да ја преземе надлежноста за градско прскање, но Општина Кисела Вода во соработка со Центарот за јавно здравје спроведе три вонредни прскања, особено во делот на Драчево од каде доаѓаа повеќето заразени пациенти со западнонилска треска.
Инаку, пред две недели беше прогласена епидемија во погодените општини Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден. Меѓу погодените населби пак, се и Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Кисела Вода спроведе вонредно прскање против комарци
Центарот за јавно здравје, во соработка со Општина Кисела Вода, на 14 август спроведе трета вонредна акција за дезинсекција.
„Третманот го опфати подрачјето на населбата и селото Драчево, со цел заштита на граѓаните и спречување на масовно размножување на комарците.
Прскањето се реализира во периодот од 22:00 до 24:00 часот, при што со специјализирано возило се дејствуваше против возрасните комарци. Оваа трета вонредна интервенција се надоврзува на досегашните активности кои започнаа кон крајот на минатиот месец со првото прскање, кое исто така беше насочено кон возрасните инсекти. Континуитетот продолжи пред два дена со втората акција, кога екипите на терен вршеа уништување на ларвите со соодветен ларвицид во каналите и влажните места“, известија од Општина Кисела Вода.
Здравствените власти ги повикаа граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, меѓу кои носење соодветна облека и избегнување места каде што има поголема изложеност на комарци.
Што ќе се преземе со поплавените, влажни подруми?
Ако Општина Аеродром нема препорака од Центарот за јавно здравје за вонредно прскање, во одговорот од општината тоа не стои. Но, од таму нема ни одговор на прашањето што ќе се преземе за сузбивање на комарците кои успеваат цела година да се размножуваат во поплавените подруми, факт што беше откриен преку податоците на новата веб-страница промовирана од Министерството за здравство, каде се бележат сите податоци за состојбата со западнонилската треска.
Имено, поплавените подруми и шахти во Аеродром, Ново Лисиче и Чаир се високоризично подрачје од комарци преку целата година, покажува промовираниот сајт на Министерството за здравство за состојбата со западнонилската треска, од која годинава регистрирани се 53 случаи, 21 се во болница, а починаа петмина.