Поплавените подруми и шахти во Аеродром, Ново Лисиче и Чаир се легла на комарци преку целата година, а таму не прскаат


Поплавените подруми и шахти во Аеродром, Ново Лисиче и Чаир се високоризично подрачје од комарци преку целата година, покажува денеска промовираниот сајт на Министерството за здравство за состојбата со западнонилската треска, од која годинава регистрирани се 53 случаи, 21 се во болница, а починаа петмина.

 

Сајтот е одлично изработен и содржи податоци за бројот на заразени, за потенцијалните легла и леглата на комарци, за спроведените активности, односно прскањата против комарци, со локација и датум, како и средството со кое е прскано. Исто така го содржи бројот на општини засегнати со болеста, како и бројот на заразени по општини и населени места. На сајтот стои и стапката на заразеност на 100.000 жители, која пак изнесува 2,7.

Последно ажуриран е вчера во 16.45 часот, а ако се продолжи со секојдневно негово ажурирање, нуди добар преглед за состојбата, но отвора и многу прашања.

Така на пример, може да се види дека во Општина Аеродром има четворца заразени и еден од Долно Лисиче, но таа општина иако е под прогласена епидемија не презела вонредно прскање против комарци. Чаир има двајца заразени, и околу и во него има високоризични подрачја за појава на комарци, исто така не прскал против комарци годинава, иако оваа општина не е во општините опфатени со прогласената епидемија.

Од друга страна, Илинден, каде има заразено тројца од април до јули петпати прскала против комарци.

Езерцата во Градскиот парк се оценети како места со среден ризик, но и тоа затоа што тие сами по себе се слаб извор, но при застој на пумпите за 8-10 дена даваат цела генерација комарци, плус спојот со птиците, како амплификациони домаќини, а со највисока изложеност на луѓе во градот.

На новата веб-страница стојат сите детектирани легла на комарци, со назнака за кој вид комарец се работи, како и степенот на ризик, од низок, преку среден, висок, до многу висок.

Како многу високо ризични подрачја се набројани: Шуто Оризари со септичките јами и стоечката вода, рибниците и наводителните базни во кадино и Мралино, Реката Серава во Радишани, Љубанци и Бутел, како и низводно кај Арачиново, Мојанци и Орланци, Отовица, колектор и лагуни на отпадни води, одводните канали Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ, одводните канали во Драчево и Ќојлија, Маркова Река во Драчево и Усје, Катлановското Блато и бања катланово, каналите во Батинци, Студеничани и Долно Количани и главниот канал за наводнување во Скопско Поле, Илинден-Кадино-Марино.

Ако ова ги поттикне локалните власти, да видат каде се на листата и да преземат мерки, ќе биде добро за заштита на здравјето на грашаните, а ако остане само како еден показател дека некој завршил добра работа, но нема кој да ги црпи податоците и да презема информирани мерки, тогаш останува да се надеваме дека нема да бидеме каснати од заразен комарец.