Операта „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл во Филхармонија
Во камерната сала на Филхармонијата вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена операта „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл, со настап на македонскиот баритон Васил Гарванлиев и канадската сопранистка Криста де Силва, која првпат гостува на македонската сцена. Организтор е Уметничкиот центар „Полифонија“.
„Дидо и Енеј“ е автентична, концертна изведба на љубовната приказна преточена во опера на најпознатиот англиски барокен композитор Хенри Персл (1658-1695). Базирана е на делови од познатиот еп на Вергилиј „Енеида“, според либретото на Нахум Тате.
Операта раскажува за несреќната љубов помеѓу кралицата Дидона и принцот Енеј. Се случува во кралската палата во моќниот град-држава Картага каде што Енеј застанува во своето патешествие за да основа ново кралство враќајќи ја разурнатата Троја. Под влијание на боговите, се вљубува во убавата Дидона и во цутот на нивната љубов ја остава за да го продолжи своето патување. Дидона е оставена сама, во стравови и сомнежи, во судир помеѓу кралската, рационална улога и страста…
-Оваа трагична љубовна опера во која има судбински пресврти и мистични ликови, е преполна со прекрасни арии кои го одземаат здивот. Емотивна е, но и необично убава облагородена со мелодиката на англискиот фолклор. Хенри Персл со ова дело се вивнал во најголемите височини на барокното сценско творештво и извршил огромно влијание врз понатамошниот развој на операта, соопшти Филхармонијата за проектот кој е поддржан од Министерството за култура и во соработка со Институтот „Гете“ и Канадскиот музички центар во Скопје.
Баритонот Гарванлиев, кој ќе настапи во улогата на Енеј, кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени. Оперската дива Криста де Силва, која ќе настапи како Дидо во операта, пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, во барокниот ансамбл „Г.А.П.“ од Германија и ансамблот „Ин медиас рес“ на „Полифонија“.