Опера во Мадрид откажана поради протестот на публиката оти немало социјално дистанцирање
Претставата на Џузепе Верди „Бал под маски“ беше откажана во Мадрид во неделата вечерта, откако членовите на публиката протестираа поради недостатокот на мерки за социјално дистанцирање – особено за оние на поевтините места.
Една посетителка во операта Театро Реал рече дека имало редови со повеќе од десетина луѓе без никакво растојание меѓу нив. „На горните балкони, каде што сите бевме зстуткани заедно, имаше цели редови од 15 луѓе веднаш едни до други“, рече таа за „Ел паис“.
Друг член на публиката, писателката и новинарка Роза Монтеро, рече дека ситуацијата во партерот била исто толку лоша.
„Во првите 10 редови – најскапите места – сите бевме заглавени и немаше ниту еден слободен простор“, напиша таа на Твитер, каде што објави и видео од седиштата.
„Повеќе беше чиста неспособност отколку дискриминација“.
Театро Реал соопшти дека „мала група гледачи“ принудиле да се откаже операта, но инсистира на тоа дека биле следени упатствата за безбедност.
Во изјавата, се вели дека куќата работи само со 51,5 проценти од вкупниот капацитет – упатствата во Мадрид ја ограничуваат зафатеноста на театарот на 75 отсто од капацитетот – и дека имало 905 зафатени места.
Во соопштението се вели дека додека на многу од оние што протестираа им беа најдени нови места, мала група ги продолжи протестите. По два неуспешни обида за започнување на операта, донесена е одлука да се спушти завесата околу 21,10 часот.
Уште се додава: „Раководството на Театро Реал ќе отвори истрага за да го разгледа овој несреќен инцидент и ќе бидат преземени неопходните мерки за да се осигура дека идните настапи ќе се одвиваат како што е нормално“.
Од понеделникот наутро, луѓето во 37-те најпогодени зони околу Мадрид се предмет на ограничување на движењето. На жителите во тие области – каде има повеќе од 1.000 случаи на 100.000 луѓе – им е дозволено да влегуваат и да излегуваат од зоните само заради работна, образовна, правна или медицинска основа.
Јавните и приватните собири се ограничени на шест лица, а парковите се затворени. (Гардијан)