ООУ „Панајот Гиновски“ во Бутел ќе добие доградба на училишната зграда


Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска сподели дека ООУ „Панајот Гиновски“ ќе добие доградба на училишната зграда.

„Денес го потпишав договорот со Министерството за образование со кој училишната зграда на ООУ “Панајот Гиновски” ќе добие доградба, информира Костовски.

Тој посочи дека овој договор го реализираат заедно со Министерството за образование и наука.

„ООУ “Панајот Гиновски” е дел од Проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП). Со оваа доградба обезбедуваме услови за транзиција од двосменска во едносменска организација на наставата. Главна цел на оваа доградба е подобрување на условите за учење во основното образование“, додава градоначалникот.

Доградба ќе се протега на 400 метри квадратни, ќе има нови 4 училници, 2 санитарни јазли, ходник и топла врска со постоечкиот објект.

„Ова е уште една голема инвестиција во населеното место Бутел 2. Предходно по 56 години ја реконструиравме и фасадата на ова училиште, а наскоро ќе се реконструира и училишната спортска сала. Во завршна фаза е и изградбата на новата детска градинка во ова населено место! Ова се капитални проекти кои значително ќе го подобрат квалитетот на образовниот процес на нашите деца“, нгаласи Костовски.