ОН: Франција сериозно да се позанимава со расизмот во полицијата
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации денеска соопшти дека е загрижена поради убиството на тинејџер од страна на полицијата, што предизвика немири низ Франција.
„Ова е момент земјата сериозно да се позанимава со прашањето на расизмот и расната дискриминација во полицијата“, рече портпаролката на Канцеларијата за човекови права на ОН, Равина Шамдасани.
Таа го нагласи значењето на „мирното собирање“ и ги повика властите при употреба на сила за сузбивање на насилните елементи на демонстрациите, да ги почитуваат „принципите на законитост, неопходност, пропорционалност, недискриминација, претпазливост и одговорност“.
Инаку, францускиот претседател Емануел Макрон го напушти Самитот на Европскиот совет во Брисел порано за да се врати во Париз и да одржи итен безбедносен состанок поради немирите во земјата.Макрон ја откажа планираната прес-конференција во Брисел и замина за Париз, јавија француските медиуми.
Во текот на ноќта демонстрантите поставија барикади, палеа и фрлаа кон полицијата, која одговори со солзавец и водени топови.
Во третата ноќ од немирите за убиството на тинејџер уапсени се над 600 лица, од кои повеќе од 300 само во Париз, соопшти МВР на Франција. Повредени се најмалку 200 полицајци.