ОН: Досега на Блискиот Исток загинаа повеќе од 5.200 луѓе
Пoвеќе од 5.200 луѓе загинаа на Блискиот Исток откако САД и Израел започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, вклучувајќи повеќе од 2.200 цивили, соопштија Обединетите нации.
Невладината организација „Активисти за човекови права“ проценува дека само во Иран загинале повеќе од 3.500 луѓе, вклучувајќи повеќе од 1.600 цивили и најмалку 244 деца. Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина наведува дека повеќе од 21.000 луѓе се ранети во таа земја.
Во Либан, 1.461 лице, вклучувајќи најмалку 129 деца, се убиени во израелски напади од почетокот на војната, објави либанското Министерство за здравство. Повеќе од 4.400 луѓе се повредени, вклучувајќи 443 деца.
Милиони раселени
Според УНХЦР, борбите во Иран принудија до 3,2 милиони луѓе да бидат раселени, вклучувајќи ги и ранливите авганистански бегалци. Повеќе од 1,2 милиони луѓе се раселени во Либан.
Најмалку 170 луѓе беа убиени и во други делови од регионот, вклучувајќи ги Израел, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Сирија, Оман, Саудиска Арабија, Катар, Бахреин и Западниот Брег. Од нив, најмалку 105 смртни случаи се пријавени во Ирак, според ирачките здравствени власти.
Загинаа и војници на НАТО
Меѓу членките на НАТО, загинаа 13 американски војници, еден француски офицер, еден турски војник и двајца турски изведувачи на одбраната.
Обединетите нации, исто така, наведуваат дека најмалку десет лица загинале на море, додека нападите во Ормутскиот теснец продолжуваат.
Тројца индонезиски мировници на ОН беа убиени и во јужен Либан минатата недела, а организацијата ги истражува околностите на нивната смрт. Четири волонтери на Црвената полумесечина беа убиени и во Иран од почетокот на војната.