Охридското езеро порибено со околу милион единки на охридска пастрмка


 

Денеска Охридското Езеро беше порибено со околу милион единки на охридска пастрмка. На овој наста присуствуваше и министерот за земјододелство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој рече дека порибувањето на Охридското Езеро е согласно договорот на Министерството со Хидробиолошкиот завод – Охрид и Институтот за сточарство и рибарство согласно Програмата од 2024 година.

„Обврската е да се пориби Охридското Езеро со минимум 400.000 единки охридска пастрмка кои се одгледани во Хидробиолошкиот завод – Охрид, и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство”, додаде министерот.

Тој истакна дека е информиран од Хидробиолошкиот завод- Охрид дека иако минимумот беше 400.000 единки, сепак се одгледани 620.000 единки со кои ќе биде порибено Охридското езеро во наредниот период. Од Институтот за сточарство и рибарство информираа од минимум 200.000 единки одгледани се околу 350.000 единки на охридска пастрмка.

„Ова е показател дека по шест години застој продолжуваме со порибување на она што претставува наше најголемо богатство, а тоа е охридската пастрмка”, истакна министерот Трипуновски.

„Имаме зголемување на средствата во однос на Програмата за рибарство и аквакултура. Договорите за идната година склучени со Хидробиолошкиот завод – Охрид се од 3,3 милиони денари, додека со Институтот за сточарство и рибарство изнесуваат 1,7 милиони денари. Вкупниот број на риби кои што треба да бидат одгледани од страна на Хидробиолошкиот завод – Охрид се околу 1,1 милион единки со просечна тежина од 3 грама. Додека Институтот за сточарство и рибарство има обврска да одгледа околу 570.000 единки”, додаде министерот Трипуновски.

Тој посочи дека идната година Охридското езеро ќе се пориби со над 1,6 милиони единки.

„Како Министерство работиме да го одржуваме рибниот фонд“, заклучи министерот.