Охридско лето: Вечер со Камерниот оркестар на МММ
Музичката програма на „Охридско лето“ за вечер предвидува концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар“, со уметниците Олег Кондратенко на виолина, неговата колешка на виолина Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.
Веќе 32 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 12 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар, а годинава по втор пат летната сесија на оркестарот и концертите се под раководство на истакнатиот педагог и виолинист Олег Кондратенко.
Концертот ќе се одржи во „Света Софија“ од 21 часот.