Охридскиот договор ќе се слави како да нема Ковид


 

Серијата настани за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор, за чие организирање ќе се потрошат половина милион евра, ќе завршат со  централна прослава во хотелот  „Александар Палас“, која ќе се одржи непосредно пред да стапат во сила новите  мерки за заштита од ширењето на Ковид 19. Таквата најава наиде на критики во опозицијата и во јавноста во смисла до 16 август кога е прославата нема ковид, а два дена потоа има. 

Построгите мерки, како што е целосна забрана на прослави во затворен простор и организирање на помасовни настани надвор под услов гостите да бидат вакцинирани, ќе важат од идниот понеделник. Ваква одлука веќе донесе Владата на предлог на Комисијата за заразни болести, но тие не стапуваат на сила веднаш туку една недела подоцна.

Инаку, на прославата во петок се очекуваат околу 300 гости, меѓу кои и од странство.

Заради прославата, договори вредни околу 500 илјади евра беа склучени со две тетовски фирми  – друштвото за продукција и маркетинг „Арбериа Дизајн“ и Агенцијата за туризам Еуро Турист“.Тие имаат обврска да организираат сет на настани, работилници, културни манифестации, дебати, тркалезни маси во кои ќе бидат вклучени поранешни вицепремиери, невладини организации, универзитети и академска фела, институти итн.

Патем, тие мораа и да обезбедат хотел со 5 ѕвездички со можност да прими 300 учесници, како и да располага со фитнес сала и СПА центар, со 24 часа собна услуга, 24-часовно обезбедување, сопствен паркинг со капацитет од минимум 45 возила и вграден сеф со секоја соба.

Вчера министерот за здравство Филипче негираше дека важноста на антиковид мерките се пролонгираат поради оваа прослава, но кај одредени политички партии очигледно ваквиот сомнеж постои.