Охрид, Чебрен и Галиште, Попова Шапка… Што било на „менито“ на Мицкоски во ОАЕ


 

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава до јавноста денеска објасни што било на „менито“ во посетата на владина делегација која ја предводеше во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) изминатите четири дена. Како што вели во изјавата од Емиратите, пред инвеститорите биле презентирани повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои биле проекти од областа на транспортот, енергетиката, туризмот… Меѓу другото, станало збор за коридорите 8 и 10, потоа за Охрид, Попова Шапка, но и за Чебрен и Галиште.

„Ги презентиравме можностите за инвестирање во Македонија, работиме за да се најдеме на мапата на светските инвеститори“, порача премиерот од ОАЕ.

Во обраќањето до граѓаните, тој вели дека изминативе денови заедно со тим од Владата и тим од неговиот Кабинет, оствариле „исклучително квалитетна и успешна посета во Обединетите Арапски Емирати“.

„Сето она коешто разговаравме е навистина нешто коешто ќе претставува еден голем чекор напред за македонската економија“, нагласува во изјавата Мицкоски.

Притоа, како што посочува било разговарано за проекти од областа на транспортот, пред сè коридорите 8 и коридорот 10 и отсечката на коридорот 10, 10-д.

„Потоа, разговаравме за проекти коишто се силно поврзани и тесно поврзани со туризмот. Се разбира тука нашиот македонски, балкански, би рекол светски бисер Охрид. Потоа, Попова Шапка како исклучително силна инвестиција, којашто треба во годините коишто следат да донесе големи економски бенефити за македонските граѓани“, вели Мицкоски.

Потоа, како што додава, во делот на градежништвото, станало збор и за неколку локации каде што, како што вели „навистина може да се направат лендмарк објекти“ коишто ќе бидат препознатливи, не само за Скопје, Македонија или за другите градови во нашата држава, туку и за регионот, па дури и за цела Европа.

Станало збор и за инвестиции во делот на земјоделието и енергетиката.

„Како главен приоритет тоа се проектите, односно хидроцентралите на Река Црна, а тоа се Чебрен и Галиште. Потенцијалот во енергетиката, не се ограничи само на инвестирање во хидроцентралите Чебрен и Галиште, туку и на нови соларни панели, нови ветерни турбини, ветерни паркови и така натаму“, вели Мицкоски.

Тој посетата ја оценува со највисока оценка, и економски и политички, бидејќи, како што посочува, после долго време, стопирање и пауза во односите коишто ги имаме со Обединетите Арапски Емирати, повторно се воспоставува блиска, непосредна соработка.