Офф-фест слави полнолетство: Музиката од светот на состанок во Скопје


Доаѓа оној период од годината кога „музиката од светот“ доаѓа во Скопје. Такви се искуствата од досегашните изданија на „Офф-фест“, а годинава се очекува тоа повторно да се потврди.
Директорот на „Офф-фест“ Оливер Белопета ја презентираше програмата за годинешното 18. издание на фестивалот. Ќе настапат музичари од девет различни држави, а некои од нив и во мешан состав. Како што е веќе препознатливо за овој фестивал, во рамките на програмата ќе се прикажува и документарен филм со наслов „Блузот од Мали“, во режија на Лутс Грегор.
– Годинава фестивалот ќе се одржува најдолго, односно имаме шест фестивалски денови, од 3 до 8 јуни. Веројатно, ова е и најдобрата програма досега, во однос на изминатите изданија на фестивалот – рече Белопета.
Првата вечер на 3 јуни во Националната опера и балет, фестивалот ќе се отвори со концертен настап на кралицата на харфата Катрин Финч од Велс и сенегалскиот кора-мајстор Секу Кеита.
Истата вечер, информира Белопета, првпат концерт во нашата држава ќе одржи македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк. Тој своите почетоци ги бележи во 90-тите години во Битола и зад себе има три албуми. Во нашата држава доаѓа со една извонредна њујоршка џез-екипа.
Вториот ден следува филмската проекција на документарниот филм во киното „Фросина“, а како што рече Белопета, филмот ја прикажува сегашната состојба во Мали, од безбедносен и политички аспект и борбата на музичарите за слобода.
Потоа во Денсинг салата ќе настапи „Басеку Кујате и нгони ба“. Кујате настапува по вторпат во Скопје, а се смета за вистински мајстор и амбасадор на инструментот нгони, древен традиционален инструмент од Западна Африка.
В среда, на петти јуни во зградата на Операта и балетот ќе настапи африканската дива Фатумата Дијавара, која е интернационална ѕвезда. Нејзиниот концерт во голема мера ќе биде поп-рок концерт на некој начин.
Дијавара се етаблира како една од водечките женски гласноговорници на новата африканска творечка генерација. Таа е, на некој начин, и ѕвезда на годинешното издание на „Офф-фест“.
Следниот ден, во четврток во Денсинг салата во МКЦ, концерт ќе има групата „Сондорго“ од Унгарија, кои свират балканска и тамбурашка музика. Истата вечер концерт ќе има Џамбо Агушеви оркестар, кои имаат многу широк репертоар, кој не е базиран само на македонската музика.
За седми јуни е предвиден проектот „Љубов и одмазда“ (Love and Revenge) на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза. Во проектот се користат египетските и арапските филмови од најславниот период на таа кинематографија, со многу електроника, танц… Истата вечер концерт ќе има и групата „Ромпарајо“ од Колумбија. За сабота е предвидена забава во клубот „Епицентар“ по полноќ. Диџеј сет ќе има Грант Маршал, познат под неговиот уметнички псевдоним Деди Џи и неговото творештво во култниот бенд „Масив атак“.
Фестивалот годинава е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје, Амбасадата на Унгарија во Македонија, како и комерцијални спонзори.
Билетите може да се набават во „Југотон рекордс“, Национална опера и балет, Младинскиот културен центар и онлајн на „МкТикетс“. (И.Н.)