ОЕЦД: Корона-кризата ќе ја удвои невработеноста во светот
Кризата предизвикана од коронавирусот ќе ја зголеми невработеноста во голем дел од развиениот свет далеку над нивото од времето на глобалната финансиска криза во 2008 година, соопшти денеска Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
До крајот на јуни, стапката на невработеност кај 37-те членки на ОЕЦД ќе се зголеми на 11,4 проценти, од 5,2 проценти на крајот на 2019 година, кога беше на најниско ниво за 50 години, проценува организацијата.
Во октомври 2009 година, по финансиската криза, стапката на невработеност беше 8,7 проценти, потсетува ОЕЦД.
Опоравувањето, најверојатно, ќе биде постепено, се забележува во годишниот извештај за вработување, потврдувајќи ја проценката дека стапката на невработеност треба да биде 9,4 проценти на крајот на годината, а да се намали на 7,7 проценти на крајот на 2021 година.
Прогнозите за следната година се засноваат на претпоставката дека земјите од ОЕЦД нема да бидат погодени од вториот бран на пандемијата. Доколку повторно се рашири пандемијата, стапката на невработеност ќе биде 8,9 проценти на крајот на следната година.
„Нашиот епидемиолошки модел покажува дека може да се избегне втор бран дури и ако не биде развиена вакцина“, забележува ОЕЦД, додавајќи дека владите треба да користат мерки на пазарот на трудот, како што се постојани стимулации за работа од дома.
Тие, исто така, потенцираат дека интервенциите на пазарот на трудот, како што се програмите за зачувување на работните места, сега треба подобро да се усогласат со потребите на компаниите, работниците и домаќинствата.