Одлуката за втор мандат Пендаровски ќе ја соопшти до февруари, таа ќе зависи и од партиска поддршка


 Од личниот рејтинг и од рејтингот на потенцијалните политички поддржувачи, т.е. партиите кои би му дале поддршка, ќе зависи одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски дали ќе се кандидира за втор мандат за претседателските избори напролет. 

Одлуката се очекува да ја соопшти на крајот на јануари или почетокот на февруари, најверојатно пред објавувањето на кандидатот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ закажано за конвенција на 2 март.

Според Пендаровски, потребна е поддршка од партија затоа што, рече, „независен кандидат никогаш  во историјата на Македонија не победил“ исто како што „многу тешко може да победи и чисто партиски кандидат“.

-Ако постојат потентни политички  партии, секако не на ниво како во 2019 зашто тоа е невозможно, но партии кои ќе сакаат да ми ја дадат поддршката и ако тука може да се направи комбинација меѓу она што значи граѓанска Македонија и партиска Македонија, мислам дека шансите се сериозни….Може во втор круг да влезете, но за да бидете претседател треба нешто надвор од партиските електорати и партиските гласачи, нешто што се нарекува граѓанска сцена, граѓани кои не се поврзани со политички партии, кои не гласаат на секои избори, па треба да ги мотивираш баш за тебе да излезат и да гласаат. Што кај нас станува се потешко и потешко затоа што мотивацијата кај луѓето со годините се намалува зашто секоја сукцесивна политичка гарнитура, за жал, не го испорачува она што го ветува, рече Пендаровски вечерва во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5. 

Соопшти дека со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски засега нема разговарано на таа тема, но се очекува тоа да биде на дневен ред по Нова година. Редовни средби, рече, има со претседателот на Владата и со лидери на парламентарни партии на кои разговараат за тековни политички прашања, но не и за кандидатурите. 

За СДСМ посочи дека нивните внатрешнопартиски процедури се на самиот почеток.

-Практично се најавени само роковите да ги решат за таа постапка. Нема уште рок од – до да се пријавуваат членови на партија и, се разбира, оние кои не се членови на партија. Мислам дека тоа ќе почне сигурно за месец и половина од сега, рече Пендаровски.

На прашањето дали ако биде претседателски кандидат е  подготвен за повторен дуел со Гордана Силјанова-Давкова, како и на изборите пред пет години, одговори дека „сосема е небитно кој ќе биде на другата страна доколку се погоди комбинацијата“ т.е. неговиот личен рејтинг и рејтингот на партијата што ќе застане зад него. 

Во однос на парламентарните избори, рече дека Талат Џафери треба да поднесе оставка пред 28 јануари за техничката влада да може да почне да функционира од тој датум и очекува рокот да се запази за што „постои прецизен политички договор меѓу двете најголеми партии“. 

За него не е спорно, рече, да му даде мандат на Џафери зашто тоа е меѓупартиски договор меѓу власта и опозицијата. 

Во врска со некои изјави од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека би влегле, но не би гласале за таа влада предводена од Џафери, Пендаровски рече „ако сакаш да бидеш дел од таа техничка влада, гласај за таа техничка влада“.