Одлуката да дојде Лавров беше тешка, но тој ќе чуе зошто Русија е изолирана, изјави Борел

Борел ѝ честиташе на Македонија за ОБСЕ: „Навистина завршивте добра работа и заслужувате да ви се заблагодариме“


 

Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел вечерва изјави дека министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје ќе биде добра прилика министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, да чуе директно од учесниците зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да пренесе дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија.

„Јас сфаќам дека некои земји учеснички не беа воодушевени од вашата одлука да присуствува министерот Лавров. Ги сфаќам затоа што со незаконската војна на Русија против Украина таа ги поткопува истите начела на ОБСЕ и ги нарушува законите и поради тоа се соочува со меѓународни санкции и со меѓународна изолација.

А сепак вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со нашата заедничка цел да го одржиме мултилатерализмот жив и Лавров треба повторно да слушне од сите зошто ја осудуваме Русија и зошто ја изолираме. Ова е добра можност за него да чуе директно од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија. Тоа ќе биде навистина многу корисно од оваа гледна точка“, рече Борел по вечерашнава средба со премиерот Димитар Ковачевски. 

Тој уште додаде:

„Ние многу ја цениме улогата на ОБСЕ, особено во вакво време. ОБСЕ е единствената платформа каде што нашата заедничка европска безбедносна архитектура треба да биде дискутирана и покрај обидите од Русија да го поткопа ОБСЕ, да ги поткопа неговите начела и постојната безбедност“.

Според него, од суштинско значење е на министерскиот состанок да осигура дека ОБСЕ ги има сите потребни средства на свое располагање за да функционира ефективно.

Борел ѝ оддаде признание на Македонија за претседателството со ОБСЕ. „Сакаме да ви честитаме вам, на Северна Македонија, за работата што ја завршивте токму во овие тешки времиња. Навистина завршивте добра работа и заслужувате да ви се заблагодариме“, рече Борел.

Високиот претставник на ЕУ го поздрави предлогот Малта да биде следниот претседавач за 2024 година и се надева дека одлуката ќе се усвои на министерскиот состанок во Скопје.

Тој, исто така, ја поздрави и уважи „позицијата на Северна Македонија, вашето непогрешливо усогласување со надворешната политика со ЕУ“.