Oдливот на мозоци го чини скапо Балканот

Иселениците од Македонија праќаат дома шестпати помалку пари од тие што се иселени од Косово. На дното според дознаките од иселениците покрај Македонија се и Романија и Бугарија 


Иселениците од Македонија праќаат дома шестпати помалку пари од тие што се иселени од Косово. На дното според дознаките од иселениците покрај Македонија се и Романија и Бугарија 

 

„Одливот на мозоци“ стана тажен рефрен во земјите од Балканот, каде што многу млади сонуваат за живот и работа во странство. Но, дали одливот на мозоци е реален и какво влијание има тој?  Јанош Аман, уредник за економија во EURACTIV.com, не е убеден дека тоа е дефинитивно лоша работа.

„Во академската заедница одливот на мозоци е оспорен концепт, бидејќи тоа е само еден аспект од емиграцијата на висококвалификувана работна сила. Оваа емиграција нуди и можности,а една очигледна  е потенцијалот за поголема заработка на самите мигранти. Од тоа имаат корист и нивните земји поради испраќањето пари назад “, вели тој.

Иако ова може да биде точно во некои случаи, не сите мигранти испраќаат пари дома, а од друга страна многу дознаки доаѓаат од членови на семејствата од втора, трета и четврта генерација во странство. Така, на пример, некои земји имаат релативно ниски бројки, како што е Северна Македонија со 3,4% или Романија со 3% пари внесени со дознаки. На средното ниво се Србија (7,3%) и членката на ЕУ, Хрватска, со 7,1%. Бројката е значително повисока во  Црна Гора (12,6%), Косово (18,9%) и Албанија (9,9%), додека во Бугарија изнесува само 1,4%. Овие бројки покажуваат дека во некои случаи, одливот на мозоци навистина може да се компензира со дознаки, но не и општо.

Во раните 1990-ти, илјадници Албанци ја напуштија земјата за Италија, Германија, САД, Швајцарија и соседна Грција. Надвор од Албанија има над 4,5 милиони Албанци, додека во земјата останаа само 2,8 милиони. Според Организацијата за економска соработка и развој, Албанија е на четвртото место на глобално ниво по емиграција на висококвалификувани луѓе. До 83% од луѓето сакаат да заминат, а речиси половина активно се обидуваат да аплицираат за визи или да бараат работа.

Бројките за емиграција се малку намалени, но тоа е веројатно затоа што повеќето од оние што би можеле да заминат  – веќе заминале. Тоа се припишува и на стареењето на населението и ниската стапка на наталитет. ОН сугерираат дека ако продолжат сегашните трендови, жителите на Албанија би можеле да бројат само 1,9 милиони до 2100 година.

Притисокот на економијата веќе се чувствува. Многу Албанци не сакаат да работат физичка работа, додека другите работни места, како што се медицинската сестра и наставата се оставени без потребни кадри. Оние со образование и амбиции масовно заминуваат, а многумина не се враќаат.

Откако ќе добијат бесплатно образование, Албанците ќе си заминат и нема да враќаат во системот преку социјално осигурување и данок. Ова би можело значително да влијае на одржливоста на пензиите и социјалната помош и на продолжувањето на бесплатното здравство и школување.

Албанија има проблеми со барањата азил. Помеѓу 2010 и 2019 година повеќе од 193.000 Албанци поднеле барање за азил во Европската унија, што е значителен дел од населението на земјата кандидат за ЕУ ​​од 2,8 милиони.

Слична е приказната и во Србија. Истражувањето на Националниот младински совет на Србија, објавено во август, покажа дека 50 отсто од младите сакаат да емигрираат, а 25 отсто се во фаза на планирање. Главните причини за заминување се желбата за подостоинствен начин на живот и повисок животен стандард, оценува Владимир Тинтор од EURACTIV.rs

„Владината стратегија за економска миграција процени дека околу половина милион луѓе ја напуштиле земјата помеѓу 2007 и 2019 година, со стапка од 30.000 до 60.000 годишно. Повеќето одат во Германија, потоа Австрија и Словенија“, рече тој.

Преку границата во Босна и Херцеговина (БиХ) податоците од Анкетата за работна сила од 2019 година на Агенцијата за статистика покажаа дека околу 530.000 луѓе ја напуштиле земјата помеѓу 2013 и 2019 година. Во многу случаи, оние што заминуваат исто така се откажуваат од своето државјанство. Жељко Тркањец, дописник на EURACTIV за БиХ и Хрватска, истакна дека од крајот на војната во 1995 година, речиси 85.000 го сториле тоа.

Како што еден млад човек му објаснил на Тркањец, „тука тие не препознаваат доволно образование или дипломи. Тешко е да се најде работа во својата професија со нормални работни услови, добра плата и каде што можеш да си дозволиш да ги платиш сметките и да живееш добро“.

Последиците веројатно ќе бидат тешки, но Тркањец смета дека владата не е многу мотивирана нешто да смени.

„Главниот интерес на политичарите е да ги зачуваат своите позиции. Образованите луѓе си заминуваат, па полесно им е да владеат. Оние помалку образованите имаат поголема веројатност да подлегнат на националистичката реторика“, рече тој.

Што е со оние што оделе претходно? Хрватска се приклучи на ЕУ во 2013 година, но луѓето масовно заминуваа за да бараат можности во странство дури и пред тоа. Од 1960-тите, Хрватите редовно работеле во Италија, Австрија и Германија како гастарбајтери пред да се вратат дома. Меѓутоа, ова се смени кога Хрватска се приклучи на ЕУ во 2013 година.

„Хрватска се соочи со егзодус на луѓе од моментот кога стана членка на ЕУ. Многу млади луѓе си заминуваат со целото семејство, што е голем проблем за демографијата“, рече Тркањец.

Во моментов се проценува дека најмалку 350.000 луѓе се иселени, што е еквивалентно на 9% од населението и дури 20% во однос на тие што се активни на пазарот на трудот. Тоа предизвика проблеми, вклучително и недостаток на квалификувани медицински сестри.

Во Бугарија, помеѓу 1990 и 2007 година, кога се приклучи на ЕУ, се проценува дека секоја година ја напуштале по околу 60.000 луѓе. Од пристапувањето во ЕУ, бројот се намали како што растеше економијата на земјата. Бројките цитирани од „Фајненшл тајмс“ во 2018 година сугерираат дека сега одливот е околу 30.000, но 10.000 се враќаат секоја година.Бугарија покрај тоа има проблеми со нискиот наталитет, кој Красен Николов од EURACTIV Бугарија го опиша како „демографска катастрофа“.

„Бугарија веќе неколку години има стратегија за тоа, но ништо не е направено. Влијанието беше огромно – од загуба на странски инвеститори поради недостиг на работна сила до долгорочни проблеми со економскиот раст“, ​​рече тој.

Во меѓувреме, во Романија, најголемата земја во регионот со 19 милиони жители, населението почна да се намалува од падот на комунизмот во 1989 година, а се забрза само по членството во ЕУ во 2007 година.

„Повеќето од оние кои емигрираат имаат ниско ниво на образование и работат во неквалификувани сектори, особено во Италија и Шпанија. Но, висококвалификуваните работници, вклучувајќи ги ИТ и здравствените работници, исто така си заминаа во голем број и со значителни последици“, вели Богдан Неагу од EURACTIV Романија.

Развојот во критичните индустрии е попречен поради недостаток на квалификуван кадар. Пандемијата со ковид  исто така, го истакна ова прашање бидејќи има многу области без доволно медицински персонал и тој дефицит стигнува до десетици илјади.

„Од 231.000 вработени во романскиот здравствен систем, 14.000 се лекари. Според националниот здравствен синдикат Санитас, исто толку лекари заминале меѓу 2009 и 2015 година, покрај 28.000 медицински сестри“, рече тој.

Како што напиша Carnegie Europe во истражувачката белешка во март, ЕУ, како клучен корисник на одливот на мозоци од регионот, треба да ги обврзе земјите кои увезуваат работна сила да ги компензираат земјите од каде што доаѓа таа за вистинската цена на извозот на таленти.

„ЕУ, ако е сериозна за пристапувањето, мора да преземе одговорност како примарен корисник на одливот на мозоци од Балканот и да го сподели товарот за изнаоѓање решение“, стои во анализата. (Еурактив)