Одбележување на Денот на планетата Земја

Во фокус на одбележувањето на Светскиот ден на планетата Земја – 22 април, годинава е утројувањето на глобалното производство на електрична енергија од обновливи извори до 2030 година, а Центарот за истражување и информирање за животната средина – „Еко-свест“ ќе одржи вебинар за просумери, односно за информирање за сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори.
– Оваа година, Денот на планетата Земја се одбележува под мотото „Наша енергија, нашата планета“, со што се истакнува клучната улога на луѓето во преминот кон чиста и одржлива енергија. По повод 55-годишнината од глобалното движење, фокусот е ставен на итната потреба да се утрои глобалното производство на обновлива енергија до 2030 година, како еден од најмоќните одговори на климатската криза. Решенијата веќе постојат – сонцето, ветерот и геотермалната енергија и преку заедничка акција можеме да изградиме поздрава, поправедна и просперитетна иднина за сите, се наведува во соопштението.
Според извршната директорка на „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска, преминот кон обновливи извори на енергија, покрај тоа што е обврска од меѓународни договори и пактови, е и морална обврска кон идните генерации.
– Денеска, кога светот го одбележува Денот на планетата Земја, ја потсетуваме јавноста дека енергетската транзиција мора да биде праведна. Тоа значи активно учество на заедниците во одлуките што се носат за развојот на нивните заедници“, истакнува таа во пишана изјава.
„Еко-свест“ креираше веб-страница – www.prosumer.mk со цел да ги информира и води сите заинтересирани граѓани кои сакаат да станат производители на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби. Преку јасни и достапни информации, како што се појаснува, оваа платформа претставува централизирано место каде што може да се најдат сите потребни упатства, законски процедури и практични совети за процесот на приклучување, со крајна цел – да се поттикне порастот на домашното, децентрализирано производство на чиста енергија и учество на граѓаните во енергетската транзиција.