Од Зелениково до Железничка за 25 – од Драчево за 11 минути


 

Перфектна синхронизација на градскиот воз и автобусите од градскиот сообраќај ќе треба да се направи за скопјани да имаат оптимални услови да стигнат од оддалеќените краеви на Скопје, до неговиот центар.

Денеска во Драчево, директорот на Железници транспорт Синиша Ивановски, заедно со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и министерот за транспорт и врски Александар Николовски, беа на увид на работите кои се веќе започнати на првата делница од градскиот воз, односно од Зелениково до Железничката станица во Скопје.

– Промовираме два паралелни проекта коишто се од круцијален интерес за инфраструктурата на железници во македонија. Едниот е почетокот на ремонтот на градскиот воз, којшто е од есенцијално значење, пред сѐ за транспортот за градот Скопје… Веќе сме во тек со целосен ремонт на првата фаза на градскиот воз – рече Ивановски.

Ивановски пресмета дека од Зелениково, во должина од 25 километри, со сите застанувања на седум попатни станици, до центарот на Скопје ќе се стигнува за 25 минути, а од Драчево за 11 минути. Рече дека мора да се направи и синхронизација со градските автобуси, кои потоа патниците би ги прифаќале и би ги развозувале до други дестинации низ градот.

– Наредно кое се осврнуваме се спорите возења коишто преовладуваат во Македонија, генерално на самата железница. Оние познати изјави дека се вози десетина километри на час , полека стануваат минато, почнувајќи со оваа траса на градскиот воз. До година планираме втората траса да биде веќе и проектирана и да се почне да се изведува. таа е од Волково, Ѓорче Петров, Скопје Север и повторно завршува на главната Железничка станица. И последниот од Миладиновци (2026, 2027 година) до Илинден и на крај да стигне на Железничката станица – додаде Ивановски.

Тој верува дека во мај, јуни догодина првиот градски воз ќе биде целосно во функција.

Најави и дека следната година ќе се обновува железничката врска од Волково до Железничката станица, а потоа и онаа до Илинден и Миладиновци. Тој го истакна и значењето на уште една пруга, онаа од Драчево до Иленден, која пак е важна за товарниот железнички превоз.

 

– Првата фаза на градскиот воз, којшто во моментов почна да се работи од Зелениково до централна станица ќе биде готова за најмногу шест месеци од денеска. Втората делница од Драчево до Илинден, којшто е исклучиво за товарниот сообрачќај, во должина од околу 7,7 км ќе биде готова до Нова година. Двете делници ќе бидат оперативни за најмногу половина година од сега – рече Ивановски.

Појасни дека двете се електрифицирани и дизел локомотиви нема да влегуваат во Скопје. Договорот за помалата делница е околу 3 милиони евра, а 5,7 милиони евра чини делницата од Зелениково до Железничка.