Од вечерва во 20.30 часот почнува големата акција за чистење на Скопје
Орце Ѓорѓиевски го прими уверението за градоначалник на Скопје и најави дека од вечерва од 20.30 часот почнува долгонајавуваната акција за чистење на главниот град, што според него треба да тратае 72 часа.
„Денешното уверение е симбол на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Скопје. Но, истовремено е и голема обврска да работам одговорно, посветено и силно, со јасна визија, конкретни резултати и многу дела. Благодарен сум за секоја поддршка, за секој скопјанец што препозна искреност, посветеност и дела зад зборовите“, вели Ѓорѓиевски.

Најави дека сите заедно Скопје ќе го „менуваме од корен“.
„Уште од вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција, а тоа е за 72 часа да го исчистиме Скопје, токму како што ветив. А утре, започнуваме со темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив, за градот конечно да функционира како што скопјани заслужуваат“, додава Ѓорѓиевски.
Тој деновиве контактирал со дел од вработените во ЈП „Комунална хигиена“ каде вели дека состојбата е алармантна и на услуга на граѓаните биле само 16 камиони.
– Направивме напор и мислам дека вечерва околу 40 камиони ќе бидат ставени во функција – рече Ѓорѓиевски.
Скопје ќе добие и нови проекти а дел од нив ги започнуваме во наредните денови – инвестиции во инфраструктурата, образованието, спортот, животната средината, но ја враќаме и транспарентноста – Скопје конечно ќе биде отворен град, ветува новиот градоначалник на Скопје.