Од утре и макароните, шпагетите, белото сирење, млекото… одат под мраз
Тестенините ќе поевтинат за најмалку десет отсто, додека за млечните производи ќе се причека што ќе кажат производителите до утре
Од утре ќе бидат замрзнати цените на тестенините и на млечните производи, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Со одлуката ќе бидат опфатени макароните, шпагетите, белото сирење, млекото, урдата…
Според Бектеши, тестенините ќе поевтинат за најмалку десет проценти, додека во однос на млечните производи ќе се причека производителите до утре да се подготват зашто, како што рече, некои веќе и самите ги намалуваат цените.
Министерот најави дека за овие одлуки тој и премиерот Димитар Ковачевски најверојатно утре ќе одржат брифинг со новинарите.
„Најверојатно утре изутрина ќе има одлука за тестенините и млечните производи, со премиерот веројатно ќе одржиме брифинг со новинарите. Граѓаните да бидат спокојни, цените ќе бидат намалени не само на овие производи, ние во континуитет ќе продолжиме со сите производи каде анализите ќе покажат дека има поголеми профити или маржи од она што е редовно, истакна министерот“, одговорајќи на новинарски прашања по владиниот настан за грантот од ЕУ вреден 80 милиони евра.
Тој дополни и дека е во постојана комуникација со производителите на млечни производи, но и со производителите на тестенини.
Претходно, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.
Овој потег на Владата доаѓа откако вчера беа објавени податоците за инфлацијата во февруари, која на годишно ниво бележи опаѓање, но на месечно ниво се зголемува веќе втор месец. Според Државниот завод за статистика инфлацијата во февруари во однос на јануари годинава се зголеми за 0,6 отсто, додека во однос на февруари минатата година и натаму е двоцифрена и изнесува 16,7 отсто.

„Замрзнувањето на цени не значи дека компаниите не генерираат профит, туку нивниот профит е помал и тоа на сите треба да им е јасно. Дури и со замрзната цена на лебот од 33 денари има маржа на добивка која што е профит за компанијата, но тој не е онолку колку што тие би го очекувале. Во кризен период сите губат нешто, но и сите добиваат, а добиваат тоа што граѓаните ќе бидат задоволни и помалку ќе ја осетат кризата. Тоа е клучната порака која што сите треба да ја понесеме“, истакна Битиќи.

Токму примерот на Франција деновиве доби на публицитет во јавноста кај нас, откако француската влада во понеделникот соопшти дека склучила договор со големите трговци на мало за ограничување на многу цени на храната, во обид да ги олесни инфлаторните притисоци за потрошувачите.
Трговците на мало се согласија да ги сносат трошоците за иницијативата, за која министерот за финансии Бруно Ле Мер рече дека ќе изнесува „неколку стотици милиони евра“.
Инфлацијата на храната во Франција беше 14,5 отсто во февруари на годишно ниво, според националниот институт за статистика ИНСЕЕ.