Од утре почнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк: Бруцошите добиваат 140 денари дневно


Фото: Б. Грданоски

Од утре, 26 август, почнува пријавувањето за субвенционираниот студентски оброк, информира Министерството за образование и наука, кое го објави јавниот повик за остварување на ова право. На повикот можат да се пријават редовни студенти запишани на прв и втор циклус студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети. Услов е студентот да нема месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Република Северна Македонија за тековната година.

Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно, средства што студентот ги добива за купување приготвена храна.

На мерката можат да се пријават и бруцошите, односно студентите кои деновиве ги дознаа прелиминарните резултати од првиот уписен рок на државните универзитети. Од октомври, студентите кои не го оствариле правото со првичниот повик или им престанало правото поради неисполнување на некој од критериумите, ќе можат повторно да аплицираат. Пријавувањето ќе се одвива во првите пет дена од секој месец, доколку повторно ги исполнуваат условите.

Бруцошите без редовни стипендии според успех од претходна година
Прашањето за финансиската поддршка на бруцошите повторно се отвора поради тоа што најголем дел од студентските стипендии се поврзани со успехот во претходната академска година, услов кој новозапишаните студенти немаат како да го исполнат.

Од МОН велат дека бруцошите, како редовни студенти, го имаат правото на субвенциониран оброк од 140 денари дневно, шест дена во неделата, а одредени категории стипендии се достапни и за нив, особено за стимулација на упис на дефицитарни студиски програми.

Пријавувањето за студентски домови за бруцошите почнува на 14 септември
По физичкото запишување на факултетите и поднесувањето на оригиналните документи, бруцошите ќе можат да аплицираат и за сместување во студентските домови. Според конкурсот на МОН, за студентите од прва година пријавувањето ќе трае од 14 до 20 септември 2026 година, а конечниот список треба да биде објавен најдоцна до 30 септември.

За студентите се понудени вкупно 3.500 места, а од МОН велат дека сите студенти кои ги исполнуваат условите ќе бидат сместени.

Во Скопје целосно ќе бидат реновирани студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, по што до крајот на годинава треба да започне реконструкцијата и на преостанатите седум нереновирани домови.

Студентите во Охрид ќе бидат сместени во летувалиште на МВР
Посебен проблем останува сместувањето на студентите во Охрид, по затворањето на домот „Никола Карев“. Од МОН велат дека на студентите ќе им биде понудено сместување во објект кој е летувалиште на МВР. Од Министерството информираат и дека раководството на домот поднело оставка, додека последниот направен долг сè уште не е подмирен.