Од септември ЈСП ја враќа линијата „37“, но со изменета траса
Од септември во трасите на ЈСП-Скопје ќе се воведе линијата „37“ од Радишани до Карпош 3, најави претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитриевски.
„Во координација со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и Општина Бутел, ја враќаме 37-цата на улиците, но овојпат по сосема нова траса која за првпат го става во функција булеварот „Словенија“ и ги поврзува Радишани и Бутел директно со сите средни училишта во Карпош и со Скопје Сити Мол“, објави Димитровски.
Според соопштението на сообраќајното претпријатие, автобусот од Радишани ќе движи по улиците „Радишанска“, „Бутелска“, булеварот „Босна и Херцеговина“, булеварот „Словенија“, потоа „Качанички пат“, Сервисна улица Качанички пат, булеварот „8 Септември“, булеварот „Партизански одреди“, а линијата ќе завршува на улицата „Манапо“.
Од ЈСП-Скопје велат дека линијата ќе вози од понеделник до петок, а од Карпош 3 тргнувањата ќе бидат во 06:40, 08:10, 14:10 и 15:40, додека пак од Радишани ќе се тргнува во 07:25, 08:55, 14:55 и 16:25.
Димитровски додаде дека наскоро ќе започне промоцијата и запознавањето на скопјани со новиот возен ред, а потоа од 1 септември линијата број 37 повторно ќе се врати на скопските улици.