Од ограничени собирања до затворени пабови – три нивоа мерки во Велика Британија против КОВИД-19
Британскиот премиер Борис Џонсон попладнево го објави новиот систем на рестриктивни мерки против Ковид-19, што ќе се темели на класификацијата на ризиците во регионите низ земјата.
Новиот систем на мерки, најави премиерот, се воведува со цел да се намали зголемувањето на бројот на заразени лица во одредени делови на Англија и да се поедностават постојните правила.
Британската Влада денеска одлучи да го воведе новиот систем со ограничувачки мерки, по големото зголемување на бројот на заразени лица во одредени делови на Англија, особено на северот. Покрај тоа, неговата цел е да се поедностават постојните регулативи, кои варираат од регион до регион и често се збунувачки. Новиот систем ќе се заснова на три нивоа на регулатива, секое со свои стандардизирани правила, пренесуваат британските медиуми.
Првото ниво на регулација се однесува на поголемиот дел од Англија и е всушност проширување на постојните правила во земјата. Клучните мерки вклучени во ова ниво се забрана за собирање на повеќе од шест лица кои не живеат во исто домаќинство и намалување на работното време на угостителските и забавните објекти. Забрането е работење на вакви објекти од 22 до 5 часот.
Второто ниво на регулатива ќе ги опфати оние делови на Англија каде што веќе се во сила некои локални мерки за карантин. Тие ќе вклучуваат забрана за собирање повеќе од шест лица на отворено, како и забрана за мешање на членови на различни домаќинства во затворени простории.
Оние делови од Англија каде епидемиолошката состојба е најкритична ќе бидат опфатени со третото ниво на регулатива. Во овие делови на земјата ќе се забрани мешање меѓу членови на различни домаќинства на отворено и во приватни дворови, додека пабовите и кафулињата ќе бидат затворени. Покрај тоа, во овие делови на земјата е можно да се воведат дополнителни мерки во договор со локалните власти. Ова може да значи дека и други објекти ќе бидат затворени, како што се спортски сали и казина.
Училиштата, универзитетите и продавниците нема да бидат затворени.
Новиот систем на правила се однесува на само Англија, а Шкотска, Велс и Северна Ирска сами ќе одлучуваат како ќе се борат против пандемијата на коронавирусот, иако и тие се согласија да соработуваат секогаш кога е можно.