Од Наполеон до Макрон: Како Франција научи да го сака Големиот брат?

Франција игнорираше повеќе пресуди од највисокиот суд на ЕУ кои го оценија масовното задржување на податоци како  незаконско. Олимпијадата во Париз идната година ќе биде златна можност да се тестира што може да направи видео надзорот засилен со вештачка интелигенција. 


Сè започна со Наполеон Бонапарта. Во текот на два века, Франција состави надгледувачка опрема способна да пресретнува приватни комуникации; да чува податоци за сообраќај до една година; да чува отпечатоци од прсти на луѓето и да следи поголем дел од територијата со камери. Овој систем, кој се соочи со притисок од организациите за дигитални права и експертите на Обединетите нации, ќе го добие своето внимание на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година. Во јули следната година, Франција ќе распореди големи камери за видео надзор, во реално време, поддржани со алгоритам – за првпат во Европа. 

Минатиот месец, францускиот парламент го одобри контроверзниот владин план да им овозможи на истражителите да ги следат осомничените криминалци во реално време преку пристап до геолокацијата, камерата и микрофонот на нивните уреди. Париз, исто така, лобираше во Брисел да му биде дозволено да ги шпионира новинарите во име на националната безбедност.

Што и помогна на Франција да стигне до масовен надзор во државата? Тоа е фактот дека станува збор за историски силна и централизирана држава, во која силно се спроведува законот, политичкиот дискурс сè повеќе е фокусиран на законот и редот, а дсе соочуваше со терористички напади од 2010-тите наваму. Во пресрет на агендата на претседателот Емануел Макрон за таканаречената стратешка автономија, француските одбранбени и безбедносни гиганти, како и иновативните технолошки стартапи, исто така добија помош за да се натпреваруваат на глобално ниво со американските, израелските и кинеските компании.

„Секогаш кога има безбедносно прашање, првиот рефлекс е надзор и репресија. Нема обид ниту со зборови ниту со дела да се одговори од посоцијален агол“, вели Алует, активист во француската невладина организација за дигитални права La Quadrature du Net, која користи псевдоним за да го заштити својот идентитет.

Како што се натрупуваа законите за надзор и безбедност во последниве децении, пратениците се поделија на спротивни страни. Поддржувачите тврдат дека на органите за спроведување на законот и на разузнавачките агенции им требаат такви овластувања за борба против тероризмот и криминалот. Алгоритамскиот видео надзор би го спречил терористичкиот напад во Ница во 2016 година, тврди Саша Хулие, истакнат пратеник од партијата на Макрон. Противниците укажуваат на ефектот на законите врз граѓанските слободи и стравуваат дека Франција се претвора во дистописко општество. Во јуни, меѓународното тело задолжено за следење на разузнавачките служби во остриот извештај рече дека француското законодавство не е во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, особено кога станува збор за споделување разузнавачки информации помеѓу француските и странските агенции.

„Ние сме во поларизирана дебата на добри и лоши момци, при што ако се спротивставувате на масовното следење, вие сте на страната на лошите момци“, рече Естел Масе, законодавен менаџер за Европа и лидер за глобална заштита на податоци во невладината организација за дигитални права Access.

Терористичките напади од 11 септември и во Париз во 2015 година го забрзаа масовното следење во Франција, но традицијата на земјата за кодошење, следење и собирање податоци датира од многу назад – од Наполеон Бонапарта во раните 1800-ти.

„Историски, Франција беше во првите редови околу овие прашања, во однос на полициските досиеја и евиденцијата“, рече Оливие Аим, предавач на Универзитетот Сорбона Селса, кој е автор на книга за теории за надзор. Пред електронските уреди, хартијата беше главната алатка за контрола бидејќи документите за идентификација се користеа за следење на патувањата, објасни тој.Францускиот император ја оживеа Париската полициска префектура – која постои до ден-денес – и им даде на органите на редот нови овластувања за да ги држат политичките противници под контрола.

Во 1880-тите, Алфонс Бертијон, кој работеше за париската полициска префектура, воведе нов начин на идентификување на осомничените и криминалците користејќи биометриски карактеристики – претходница на препознавањето на лицето. Методот Бертијон потоа ќе се имитира низ целиот свет.

Помеѓу 1870 и 1940 година, под Третата република, полицијата водела огромно досие – наречено Централно досие на националната безбедност – со информации за 600.000 луѓе, вклучувајќи анархисти и комунисти, одредени странци, криминалци и луѓе кои барале документи за идентификација.

По завршувањето на Втората светска војна, помодрената Франција се оддалечи од тврдиот безбедносен дискурс до 1970-тите. Но,  нападите од 11 септември во САД означија пресвртница, покренувајќи постојан прилив на контроверзни закони за надзор – и под левичарските и под  десничарските влади. Во име на националната безбедност, пратениците почнаа да им даваат на разузнавачките служби и на органите за спроведување на законот невидени овластувања да ги шпионираат граѓаните, со ограничен судски надзор.

Во 1970-тите, пред ерата на сеприсутните паметни телефони, француското јавно мислење првично се спротивстави на користењето технологија за следење на граѓаните.Во 1974 година, кога министерствата почнаа да користат компјутери, „Ле Монд“ откри план за спојување на сите датотеки на граѓаните во единствена компјутеризирана база на податоци, проект познат како САФАРИ.Проектот, напуштен поради скандалот што резултираше, ги наведе пратениците да усвојат цврста легислатива за заштита на податоците – создавајќи го регулаторот за приватност во земјата CNIL. Франција тогаш стана една од ретките европски земји со правила за заштита на граѓанските слободи во ерата на компјутерите.

Сепак, масовното ширење на технологијата – и поконкретно камерите за видео надзор во 1990-тите – им овозможија на политичарите и локалните функционери да излезат со нови, примамливи ветувања: безбедност во замена за технологија за надзор. Во 2020 година, имаше околу 90.000 камери за видео надзор поставени од полицијата и жандармеријата во Франција. Државата им помага на локалните службеници да ги финансираат преку наменски јавен фонд. По насилните немири во Франција на почетокот на јули – во кои, исто така, Макрон ги забрани социјалните мрежи за време на периоди на немири – министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин објави дека ќе одвои 20 милиони евра за поправка на расипаните уреди за видео надзор.

Паралелно, подемот на технолошките гиганти како Google, Facebook и Apple во секојдневниот живот доведе до т.н. надзорен капитализам. И за француските креатори на политики собирањето податоци од страна на американските технолошки гиганти со текот на годините стана аргумент за објаснување зошто и на државата треба да и се дозволи да собира лични информации на луѓето.

„На калифорниските стартапи им даваме отпечатоци од прсти, идентификација на лице или пристап до нашата приватност од нашата дневна соба преку поврзани звучници, а одбиваме да дозволиме државата да не заштити на јавниот простор? Сенаторот Стефан Ле Рудулие од конзервативната партија Les Républicains во јуни рече дека ја оправдува употребата на софтверот за препознавање лице на улица.

Силна држава, силни државници

Отпорот кон масовниот надзор постои во Франција на локално ниво – особено против развојот на таканаречените безбедни градови. Невладините организации за дигитални права можат да се пофалат со неколку победи: на југот на Франција, La Quadrature du Net постигна победа на управен суд, блокирајќи ги плановите за тестирање на софтвериот за препознавање на лицата  во средните училишта.

На национално ниво, сепак, безбедносните закони се премногу моќна сила, и покрај неколкуте тековни случаи пред Европскиот суд за човекови права.  Франција де факто игнорираше повеќе пресуди од највисокиот суд на ЕУ кои го оценија масовното задржување на податоци како  незаконско. Често центар на притисокот за поголем државен надзор е министерот за внатрешни работи. Оваа влијателна канцеларија, која ги вклучува органите за спроведување на законот и разузнавачката заедница, е опишана како „отскочна штица“ кон премиерската функција – па дури и до претседателството. Министрите за внатрешни работи често се моќни, добро познати и хипер-присутни во медиумите. Секој нов министер се залага за нови реформи, нови овластувања, што ќе доведе до изградба на бескрајна безбедносна кула.

За време на социјалистот Франсоа Оланд, Мануел Валс и Бернар Казнев  стигнаа од министри за внатрешни работи до премиерска функција во 2014 и 2016 година. Никола Саркози, министер за внатрешни работи на Жак Ширак од 2005 до 2007 година, беше избран за претседател. Сите усвоија нови закони за надзор под нивниот мандат. Во изминатата година, министерот Жералд Дарманин беше клучен во притисокот за употреба на полициски дронови, дури и против CNIL.

За политичарите, дури и на локално ниво, носи малку популарност ако на изборите агитираат против проширеното шпионирање и следењето на јавниот простор. „Многумина од левицата, особено во комплицираните градови, го игнорираат тоа прашање од страв да не бидат обвинети дека се меки за криминалот“, рече Ноеми Левен, правен и политички аналитичар во La Quadrature du Net. „Политичката цена за укинување на законот за безбедност е превисока“, додаде таа.

Исто така, има мал притисок од јавноста. Во март, кога неколку француски пратеници гласаа да се дозволат видео-надзорни камери на Олимписките игри во Париз во 2024 година,  околу еден милион луѓе излегоа на улиците да протестираат, но против пензиските реформи на Макрон.

Суверени камери

За политичарите, во прашање е и индустриската конкурентност на Франција. Земјата е дом на одбранбени гиганти кои се занимаваат и со воениот и со цивилниот сектор, како што се „Талес„ и „Сафран“. Компанијата, пак, „Идемиа“ е специјализирана за биометрика и идентификација.

„Она што го забрзува законодавството е исто така глобалниот индустриски и геополитички контекст: Надзорните технологии се тројански коњ за вештачката интелигенција“, рече Каролин Лекес Рот, вонреден професор на Универзитетот на Азурниот брег, додавајќи дека француските креатори на политиката се загрижени за странските ривали. „Европа е заглавена во натпреварот на Кина и САД, Идејата е да им се овозможи на нашите компании пристап до пазарите и да им се дозволи да вежбаат“.

Во 2019 година, тогашниот министер за дигитални прашања изјави за „Le Monde“ дека е потребно експериментирање со препознавањето на лица за да им се овозможи на француските компании да ја подобрат својата технологија. За индустријата за видео надзор – која заработи 1,6 милијарди евра во Франција во 2020 година – Олимпијадата во Париз во 2024 година ќе биде златна можност да ги тестираат своите производи и услуги и да покаже што можат да направат во однос на надзорот засилен со вештачка интелигенција. XXII – стартап со вештачка интелигенција, со финансиска помош од Министерството за вооружени сили и со политичка поддршка – веќе навести дека ќе биде подготвен да го обезбеди мега спортскиот настан.

„Ако не го охрабруваме развојот на француски и европски решенија, ризикуваме подоцна да станеме зависни од софтверот развиен од странски сили“, напишаа пратениците Филип Латомбе и Филип Госелин во собранискиот извештај за видео надзорот објавен во април.

„Кога станува збор за вештачката интелигенција, губењето на контролата значи поткопување на нашиот суверенитет“, додаваат тие. (Политико)